Почнувајќи од неделава и барем до 20 јануари, кога е инаугурацијата на новиот американски претседател Џо Бајден, вооружени протести се планираат во сите 50 држави и во Вашингтон, според интерен документ на ФБИ, до кое дојде „Еј-Би-Си Њуз“.
ФБИ, исто така, примило информации изминативе денови за група која повикува на освојување на локални и сојузни судници и административни згради во случај претседателот Доналд Трамп да биде отстранет од функцијата пред инаугурацијата на Бајден. Групата, исто така, планира да освои владини канцеларии во секоја од 50-те држави на денот на инаугурацијата на Бајден, без оглед на тоа што електорските гласови се веќе сертифицирани од сите држави за Бајден или за Трамп.
„ФБИ доби информација за неидентификувана вооружена група која има намера да патува за Вашингтон на 16 јануари. Тие предупредуваат дека ако Конгресот се обиде да го отстрани претседателот на САД преку 25. амандман, ќе се случи големо востание“, се вели во интерниот документ.
Документот е испратен до локалната полиција ширум Америка, но и други федерални агенции како збир на сите информации за закани што дошле до ФБИ по нападот на протрамповската толпа на Конгресот во средата.