По обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски кои побараа доживотни затворски казни во случајот „Монструм“ за избеганите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во Косово, како и за братот Агим Исмаиловиќ, кој од неодамна е во притвор, а за Фејзи Азири 15, за Хаки Азири 9 до 10 години затвор, денеска почнаа завршните зборови на адвокатите на жртвите, како и одбраната на обвинетите.
При завршните зборови минатата недела, обвинителите го прецизираа обвинението. Останува делото тероризам за браќата Исмаиловиќ и за Демири, а за двајцата Азири, помагање во тероризам. Хаки без умисла, Фејзи со умисла.
За обвинетиот Сами Љута, Фетаи кажа дека нема докази на каков било начин дека е вмешан во убиството на рибарот и четирите момчиња на 12 април 2012 година кај Смиљковско езеро.
Прва со завршен збор на денешното рочиште настапи правната застапничка на убиениот 21-годишен Кире Тричковски. Адвокатката Дафинка Ивановска кажа дека и во оваа повторена постапка, со која судењето за масакрот кај Смиљковско езеро трае 8 години, се докажа дека педантно и прецизно наведените факти во изјавата-признание на вина на сега обвинетиот Хаки Азири, се поклопија со доказите во обвинението.
„На почетокот како загрозен сведок, Хаки во детали го опиша настанот, извршителите на масакрот, по опис, идентификација, облека, муабетот што го кажале по убиството. Вечерта на 12 април 2012 година тој кажа дека кај Качанички пат со своето возило ‘мазда’ ги чекал браќата Исмаиловиќ и Алил Демири. Кажа дека тие се паркирале со возилото опел вишна боја зад него. Кога влегле во колата, со црни тренерки и фантомки дигнати на чело, кажале: ‘Направивме гомнарија. Убивме човек’. Подоцна тој без никаков притисок, со статус на вип личност, настанот го раскажал во полиција и во истрагата, подвлекувајќи дека чувствува олеснување, бидејќи нормален човек не може да живее со такви сознанија за едно такво свирепо убиство на 5 млади луѓе”, рече Ивановска.
Загрозениот сведок ручал, играл карти, се дружел со тие што го чувале како загрозен сведок. Дури и му дозволиле да се чуе со родителот. По тој разговор, рече Стојановска, Хаки го сменил исказот, одлучил да не е веќе загрозен сведок и да одговара со другите обвинети.
„На судското рочиште Хаки Азири кажа дека изјавата признание на вина и опис на сите учесници во убиството и помагањето да се изврши, ја дал под притисок на Љупчо Тодоровски – Радникот од МВР, кој му дал бела голема тетратка, на која пишувало што да каже. Почитувани, Тодоровски сведочеше, кажа дека никогаш не дошол во контакт со Хаки, а ни позицијата во МВР како директор, не му дозволувала да контактира со сведоци и осомничени. Кога застана да сведочи судот праша дали обвинетите имаат прашања за Тодоровски. Хаки Азири молчеше. Зошто не го праша за тетратката? Зошто не ги расчисти пред судот и пред целата јавност во таа прилика тврдењата дека му бил вршен притисок од Тодоровски? Место тоа, Хаки не изусти ни збор, што во целост потврди дека никој не го притискал да кажува измислени работи во врска со извршителите на петкратното убиство”, зборуваше адвокатката.
Таа предјави оштетно побарување за душевна штета и болка, како и за материјална штета во име на семејството Тричковски, за кои кажа дека небото за нив засекогаш е распорано на пола, како и душите нивни од тешката загуба на нивното дете.
И адвокатите на убиените момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски и Цветанчо Ацевски и рибарот Борче Стевковски предјавија отштетно побарување.
Завршните борови продолжуваат.
С. К. ДЕЛЕВСКА