Младите лекари-специјализанти по хематологија д-р Невенка Ридова, д-р Симона Стојановска, д-р Тара Ристевска и д-р Милче Цветаноски се дел од тимот на Универзитетската Клиника за хематологија кои работат на новата метода фотофереза. Со овој метод, кој се воведе на 4 Февруари – Светскиот ден на борба против ракот, македонските пациенти со хематолошки малигни заболувања веќе не мора да одат во странски центри за лекување со фотофереза. Најчесто македонските пациенти беа препраќани во Хрватска.
За имплементацијата на новиот метод, во текот на минатата недела медицинскиот тим на Клиниката за хематологија работел со едукатор од Германија, а од следниот месец предвидени се понатамошни обуки и едукации на лекарите во Загреб. Едукацијата ги опфатила и четворицата млади лекари, кои се вработени од мај 2018.
Со оваа метода, која е широко употребувана во најсовремените медицински центри, скопската Хематологија стана регионален центар за лекување на компликации од трансплантација на крвотворни клетки и солидни органи, а плус се дава можност за лекување на пациентите со автоимуни заболувања како системската склероза и Кроновата болест и пациентите со Т-клеточните лимфоми.
Фотоферезната имунолошка клеточна терапија, популарно позната како фотофереза е комплексен, современ начин на лекување со имуномодулаторна терапија, односно терапија која на некој начин го менува, но не го намалува и супримира имуниот одговор.
Директорката на Клиниката д-р Ирина Пановска Ставридис вели дека изминатите години е направен извонреден напредок во полето на трансплантација на коскена срцевина, со подобрување на прогнозата и квалитетот на живот на пациентите, кај кои се спровела оваа процедура.
„Но, и покрај сите научни сознанија и современите пристапи за превенција, болеста на калем (крвните матични клетки) против домаќин, имунолошки феномен кој се јавува кај некои пациенти по трансплантација на коскена срцевина од друг дарител, кога имуните клетки во калемот на дарителот ги напаѓаат органите на домаќинот, останува најголем проблем во пост-трансплантациониот период. Имуномодулаторна терапија нуди надеж токму за овие болни, кои развиваат акутна или хронична форма на болест на калем против домаќин, бидејќи може на некој начин да го ‘ремоделира’ нагласениот имун одговор. Покрај нив, со овој метод можат да се лекуваат пациенти и со други хематолошки болести, како што се Т-клеточните лимфоми, но и пациенти кои страдаат од системски имунолошки болести, како системската склероза и Кроновата болест. Исто така, со оваа терапија може да се влијае врз имуните механизми на отфрлање на органот кај пациенти по трансплантација на солидни органи, како што се срце, бели дробови и бубрези. Горда сум што сум инистутуцијата која ја предводам и во најтешки околности чекори напред со воспоставување на нови методи на лекување“, вели директорката проф д-р Пановска-Ставридис.
Првите фотоферези беа спроведени кај тројца пациенти, со претходно поставена јасна индикација. Станува збор за трансплантирани пациенти од друг дарител, кои имаат развиено хронична форма на болест на калем против домаќин, рефрактерна форма на повеќе линии терапија.
„Во моментот кога мислев дека извојував победа над болеста, болеста ми зададе нов удар со појава на болест на калемот против домаќин, која почна да ми го напаѓа црниот дроб и кожата. На Клиниката се лекував со повеќе видови на терапии и болеста делумно се стави под контрола. Многу истражував за мојата состојба, контактирав и споделував искуства со познати и непознати лица, кои минале низ истото, слушав за оваа метода. И ја добивме кај нас кога ми е најмногу потребна. Ако претходно чувствував немоќ, сега повторно имам надеж, имам верба дека повторно ќе си го повратам назад животот од пред 1,5 година”, вели еден пациент.
Младите лекари кои работат со д-р Пановска Ставридис велат дека имаат чувство оти се важен дел од мали промени, и дека откако се дел од Клиниката пораснале како личности, оти научиле само еден мал дел од хематологијата, а многу поголем од животот воопшто.
„Учевме и сè уште учиме и впиваме од големи лекари кои несебично сакаат да ни дадат од нивното знаење и искуство. Пред постарите колеги имаме слобода на изразување, се вреднува и почитува нашето мислење, имајќи предвид дека како млади лекари сме првата алка, првиот контакт со пациентот и најчесто оние пред кои пациентите се чувствуваат најслободни и со кои најдолго разговараат“, велат специјализантите.
Според нив, самата природа на хематологијата како наука условува постојан и брз напредок, но и иако некои нешта за држава во развој со ограничен здравствен буџет се недостижни, неопходно е да се одржува чекор со новите ставови и сознанија. Младите лекари истакнуваат дека за нивната едукација особено им е значајно што од најраните почетоци на Клиниката им било овозможено да присуствуваат на апсолутно сите едукативни состаноци во организација на Македонското здружение на хематолози.
„Паралелно со колегите специјалисти, ни било овозможено присуство на важни настани во светот на хематологијата, европски хематолошки конгреси во организација на звучни имиња, како што се ЕГА, ЕСХ, ЕМА. Дури и во време на пандемија, минатата година бевме дел од најголемиот светски хематолошки конгрес, виртуелниот состанок на Хематоонколошкото здружение СОХО“, додаваат тие.
Б. НЕСТОРОСКА