ТОА ШТО ЗА ВЕРУШЕВСКИ ТРЕБА ДА Е ПРОСТУВАЊЕ, ЗА МЕНЕ Е НАЈДРСКО КРШЕЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА И ПОБАРА МАКСИМАЛНИ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА МИЈАЛКОВ И ЗЛОСТОРНИЧКОТО ЗДРУЖУВАЊЕ

    ТОА ШТО ЗА ВЕРУШЕВСКИ ТРЕБА ДА Е ПРОСТУВАЊЕ, ЗА МЕНЕ Е НАЈДРСКО КРШЕЊЕ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА И ПОБАРА МАКСИМАЛНИ ЗАТВОРСКИ КАЗНИ ЗА МИЈАЛКОВ И ЗЛОСТОРНИЧКОТО ЗДРУЖУВАЊЕСè додека владее неказнивоста и сè додека проштеваме без преземање на одговорност, ние всушност поттикнуваме нови злоупотреби на системот, кажа обвинителката Ленче Ристоска. (Фото: Фејсбуук/принтскрин)

    На крајот на 7 иполчасовниот завршен збор за големиот судски процес за масовното незаконско прислушување наречен „Тврдина -Таргет”, обвинителката Ленче Ристоска побара за секое од кривичните дела за кои се обвинети Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска, Надица Николиќ и останатите од УБК, судот да им изрече максимални затворски казни.

    Мијалков, избеганиот Грујевски и началничката Николиќ, според обвинението, се тие кои го формирале злосторничкото здружување со цел од 2008 до 2015 година без судски налог да прислушуваат и да навлезат најдлабоко во приватноста на околу 5.000 граѓани. Максималната казна за злосторничко здружување по ставот под кој се обвинети, е 5 години затвор.

    На овие 5 години, обвинителите Ристоска и Трајче Пеливанов побараа уште по толку за секој од тројцата, зашто второто дело за кои се обвинети е злоупотреба на службената положба и овластувањата, значи секој по 10.

    Максимални затворски казни побараа и за останатите обвинети, кој за злоупотреба на службената положба и овластувањата, кој за фалсификување службена исправа за уништување на вредната опрема во сопственост на МВР, односно на Република Северна Македонија, во износ од 1,5 милиони евра, за да се уништат доказите за масовното прислушување.

    Јанкулоска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувањата, исто како и избеганиот Никола Бошковски од УБК, кој се гони и за фалсификување службена исправа. Тони Јакимовски е обвинет за истите две кривични дела како Бошковски.

    Обвинетите за непосредното слушање на телефонските разговори: Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Силвана Златкова и Марјан Исаковски се обвинети за злосторничко здружување и за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Симоновска е плус и за фалсификување на службена исправа.

    „И покрај тоа што не се дозволуваше истрагата да почне, се уништуваа докази, обвинителите беа опструирани во работата и беа пријавувани, ние успеавме чесен Суде да ги прибавиме сите докази и да ја докажеме вината на обвинетите”, рече Ристовска.

    Кога побара максимални затворски казни, рече дека за жал, преовладуваат отежителните околности во одмерувањето на казните во случајов, во однос на олеснителните.

    „Повредата на уставно загарантираното право на неповредливост на писмото и на другите облици на комуникации, на приватноста, на личниот и семејниот живот на корисниците на телефонските броеви чии комуникации биле незаконски следени, е од досега невидени размери. Последиците од кривичното дело и импактот што го имаат овие последици, како на животите на незаконски прислушуваните лица, така и на целокупните општествени процеси се огромни”, кажа Ристоска.

    Таа побара Судот да ја цени и осудуваноста на Јанкулоска, Грујевски и на Симоновска.

    „Денес, читајќи ја долгата листа на незаконски следени граѓани со бројот на денови кои биле следени, не можам да си го поставам прашањето: Дали одговорните во институциите на системот, во УБК конкретно, не ја научија лекцијата од минатите искуства и повторно посегнаа по приватните животи на луѓето? Дали поради тоа што отсуствуваше правна разрешница и одговорност во претходните скандали за прислушување, е причината поради која ни се случи овој трет, најголем по обем скандал на прислушкување во кој до крајна дрскост и безобзирност се поместени границите на почитување на правата на другите?”, праша Ристоска.

    „Затоа и не можам да се согласам со сведокот Зоран Верушевски кој ги потсети сите тука во судницата дека во македонскиот речник постои израз ‘простување’, изразувајќи надеж дека многу од обвинетите ќе се потсетат на овој збор, додавајќи дека некои и се потсетиле. Не е само мое уверување, туку и според универзалните правила поддржани од етиката како наука, и од религијата, простувањето е чин кој следи на покајанието, односно чин кој следи откако ќе биде преземена одговорност за сопствените дејствија и откако ќе биде каење за последиците. Затоа сметам дека сè додека владее неказнивоста и сè додека проштеваме без преземање одговорност, ние всушност поттикнуваме нови злоупотреби на системот. Благодарам”, заврши целодневниот завршен збор на Ристоска против обвинетите во „Тврдина-Таргет”.

    В петок се завршните зборови на одбраната, пред судиите Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира