ГО ВРАТИВМЕ ВРЕДНИОТ МЕБЕЛ ВО МАТИЧНО, ТУКА ЌЕ СКЛУЧАМ БРАК, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ

    ГО ВРАТИВМЕ ВРЕДНИОТ МЕБЕЛ ВО МАТИЧНО, ТУКА ЌЕ СКЛУЧАМ БРАК, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌМебелот кој е изработени од дрво од орев и со специфична резба, со години беше заборавен и оставен да скапува во запуштениот објект во дворот на Општина Центар. (Фото: К.Попов)

    Вредниот мебел изработен пред 70 години од врвниот резбар Нестор Алексиев-Мирчевски, е реставриран и поставен во реновираниот објект на старо Матично во Општина Центар. Мебелот кој е изработени од дрво од орев и со специфична резба, со години беше заборавен и оставен да скапува во запуштениот објект во дворот на Општина Центар. По пишувањата на  САКАМДАКАЖАМ.МК при почетокот на градежните работи за реновирање на објектот во Младински центар каде алармиравме за негрижата на надлежните, Општина Центар презема активности за негова реставрација.

    „Овој мебел нуди спомени на скопјани бидејќи голем број од нив тука го склучиле граѓанскиот брак. Успеавме да го реставрираме и заштитиме и сега тој ќе биде дел од новиот Младински центар. Ако граѓани сакаат тука да склучат брак мислам дека нема да има никаков проблем за тоа. Еве јас ќе бидам првиот кој тука ќе го склучи граѓанскиот брак“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.

    Во моментов главниот град нема репрезентативен објект за склучување на брак. Младенците се венчаваат во стара канцеларија во просториите на Управата за водење на матични книги. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека ваков објект треба да има на Плоштадот Македонија во зградата што ја гради Сергеј Самсоненко и затоа не се вложува во друг објект.

    „Јас искрено се надевам дека договорот за објектот на Плоштад каде треба да има репрезентативен објект на матична служба, ќе биде испочитуван. Според договорот тој треба да биде готов и предаден на Градот до 2022. Ако не се испочитува договорот, тогаш Градот ќе влезе во инвестиција. Би било неодговорно од наша страна да вложуваме градски пари кога веќе имаме склучено договор“, вели Шилегов.

    Старото Матично во Центар сега ќе биде младински центар. Располага со голема конференциска сала, која ќе се користи за одржување едукативни, културни и забавни настани. Центарот ќе има и читална, како и соба за релаксација. Општината ќе распише јавен повик за користење на центарот, на кој ќе може да се пријават сите младински организации на ниво на општина Центар. Вкупната инвестиција за реконструкција на објектот изнесува речиси седум милиони денари, а 83 отсто од средства се обезбедени од Општина Центар. Донатор на проектот е Швајцарска агенција за развој и соработка, додека спроведувач е Програмата за развој на обединетите нации УНПД.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира