500 ОД 700-ТЕ МИЛИОНИ ОД ЕВРООБВРЗНИЦАТА ОДАТ ЗА ОТПЛАТА НА ЗАДОЛЖУВАЊЕТО НА СТАВРЕСКИ ЗА „СКОПЈЕ 2014“

    500 ОД 700-ТЕ МИЛИОНИ ОД ЕВРООБВРЗНИЦАТА ОДАТ ЗА ОТПЛАТА НА ЗАДОЛЖУВАЊЕТО НА СТАВРЕСКИ ЗА „СКОПЈЕ 2014“Ставрески во 2014 година се пофали дека постигнале историски најниска каматна стапка од 3,975 отсто. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за финансии Фатмир Бесими кажа дека од 700 милиони, колку што вреди еврообврзницата издадена вчера, ќе бидат повлечени само 200 милиони евра, а останатите 500 милиони евра ќе одат за отплата на еврообврзницата од 2014 година, која доспева за враќање на 24 јули годинава.

    Станува збор за третата еврообврзница, која беше издадена од поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески од владата на Никола Груевски и беше со рок на доспевање од седум години.

    По земањето на 500-те милиони од еврообврзницата во јули 2014 година, Ставрески кажа дека најголем дел од парите ќе бидат искористени за финансирање на голем број капитални објекти. Капитални објекти во изградба во тој период беа објектите од проектот „Скопје 2014“, како и автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, но за нив државата се задолжи кај кинеска банка.

    Ставрески тогаш се пофали дека постигнале историски најниска каматна стапка од 3,975 отсто и дека тоа било „силен израз на доверба на инвеститорите кон Република Македонија и кон нејзините економски политики, како и состојбите и перспективите на земјава воопшто“.

    Бесими денеска кажа нешто слично, односно дека „има значително подобрување на перспективите на нашата економија и нејзиниот потенцијал кај меѓународните инвеститори“, но овојпат за каматна стапка од 1,625 отсто.

    Ставрески веќе следната 2015 година издаде уште една еврообврзница, во износ од 270 милиони евра со камата од 4,88 отсто и таа беше отплатена минатата година. Ставрески поднесе оставка во јуни 2016 година поради здравствени проблеми, а веќе следниот месец неговиот наследник Кирил Миноски издаде еврообврзница од 450 милиони евра со камата од 5,26 отсто, и таа ќе стигне за наплата во 2023 година.

    По смената на власта, поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски во јануари 2018 година издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и каматна стапка од 2,75%. И тој се пофали дека тоа било историски најниска камата.

    Средствата од оваа еврообврзница беа наменети за покривање на буџетскиот дефицит, отплата на претходни долгови, како и делумен предвремен откуп на еврообврзницата од 2015 година.

    Претпоследната еврообврзница беше издадена во мај минатата година на износ од 700 милиони евра со камата од 3,675 отсто. И тогаш Министерството за финансии соопшти дека „ова ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики“.

    Проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на 2021 година ќе изнесува 53,2%, додека јавниот 63,4% од БДП.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира