ВМРО-ДПМНЕ нека си се разбере со Каракачанов, да не нè меша во нивните меѓусебни препукувања со ВМРО-БНД, соопштија од СДСМ. Претходно денеска, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека списокот на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов со имиња на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои наводно имаат бугарски државјанства, е класична лажна вест.
„ВМРО-ДПМНЕ нека си се разбере со Каракачанов, да не нè меша во нивните меѓусебни препукувања со ВМРО-БНД. За должничко-доверителски односи со Каракачанов, нека си ги расчистуваат самите, без да се обидуваат да не инволвираат нас. Како и досега СДСМ нема со било каква постапка да дава повод македонското прашање дополнително да биде злоупотребувано во кампањата во соседна Бугарија“, се вели во соопштението на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека „секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, како што е обидот за коруптивна набавка на вакцини, неспособност да се справи со здравствената и економската криза, падот на рејтингот на СДСМ или кога излегува некоја афера како што е набавката на софтвер од страна на Драги Рашковски, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување. Но, да им порачаме и на Каракачанов и на Заев дека оваа фрлена гума е од самиот старт издишана и не поминува во јавноста“.