Со изложбата „Скопската градска општина“, посветена на градоначалниците на Скопје од 1945 година до денес, и со свечена академија, Државниот архив денес прослави 70 години од основањето. На собирот во Музејот на македонската борба беше промовирана монографијата „Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)“, во која е презентиран историскиот развој на Државниот архив преку фотографии и документи за најзначајните настани со кои располага Архивот, како и зборникот „Првите луѓе на Државниот архив (1951-2021)“.
Директорот на Државниот архив Емил Крстески, пред државниот врв, историчари и амбасадори рече дека Архивoт во изминатите 70 години се гради како значајна државна институција, и дека тој е трезор на оригинални документи, писма, фотографии и други материјали од познати револуционери, илинденци, просветители и писатели, уметници, општествени дејци, како и документи од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности за нашата земја.
„Во сите изминати години очигледен е постојаниот раст на Државниот архив, кој добива свој европски лик со прифаќањето на европските начела и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот Закон за архивска дејност, како и со спроведувањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и материјали“, кажа Крстески.
Б. НЕСТОРОСКА