Жителите на радовишкото село Тополница деновиве реагираат на прашината што се спушта од хидројаловиштето на рудникот „Бучим“, поради што не можат да отворат прозорци, ниту пак да излезат во своите дворови. Ова населено место се наоѓа во подножјето на браната каде се складира јаловината од процесот на преработка на рудата во „Бучим“. Жителите велат дека деновиве при секој посилен ветар во селото не се дише и се спуштаат облаци со прашина, од што им се побелени дворовите.
„При секој посилен ветар, селото е завиено во прашина, не можеме да дишеме. Станува збор за прашина од хидројаловиштето. Од рудникот мора да интервенираат и да го активираат системот за распрскување. Не можеме да излеземе надвор, а камоли да ги извршуваме секојдневните обврски“, вели Билент Геч од Тополница.
Од рудникот „Бучим“ потврдија дека изминативе два дена одвреме-навреме се подигала прашина од хидројаловиштето, но тоа не било резултат на технолошкиот процес туку поради силниот ветар кој создавал виори и се кревалa прашина. Заменик-директорот на рудникот Николајчо Николов вели дека работи системот за распрскување, а се интервенира и со цистерни.
„Тоа се одредени периоди од по некоја минута, кога при силен ветар се создаваат виори кои креваат прашина од хидројаловиштето. Не станува збор за проблеми со технолошкиот процес, туку поради временските услови. Во моментов е смирена состојбата. Имаме 17 топови кои постојано распрскуваат. Тој дел поради конфигурацијата на браната подлежен на создавање виори кои креваат прашина која е видлива“, вели Николов, кој најави дека овие денови ќе извршат пошумување на дел од јаловиштето и околу него.
Жителите на Тополница со години реагираат на лошите услови за живот, но и за стравот што живеат во подножјето на браната. Последниве години, жителите на ова населено место почнаа да градат куќи во непосредна близина од магистралниот пат Радовиш-Штип за да бидат што подалеку од браната со хидројаловиште на рудникот „Бучим“.
В. ТРАЈКОВ