„Зелената“ енергија со забрзано темпо доаѓа во Полошкиот Регион. Денеска во село Теново беше пуштена во употреба втората централа од таканаречениот фотоволтаичен парк, која има моќност од 1.200 киловат часови и е изградена од компанијата „Енерго Р груп“ по пат на јавно-приватно партнерство со државата. Триделниот парк ќе има вкупна инсталирана моќност од 2.220 киловат часови и со годишно производство од 3,1 гигават часови ќе ја задоволува потрошувачката на околу 450 домаќинства.
„На Денот на планетата Земја прекрасна прилика е да се пушти во употреба еден ваков проект од областа на обновливи извори на енергија. Ове е еден од проектите од програмата на Владата за 2019 година за изградба на фотонапонски централи од вкупно 60 мегавати на државно и приватно земјиште. Овој проект, кој е изграден на приватно земјиште и ѝ штеди на државата многу средства, носи профит и приход за самиот инвеститор, а воедно го подигнува имиџот на Општина Брвеница и на Северна Македонија“, изјави премиерот Зоран Заев, кој на отворањето на централата беше во придружба на министерот за економија Кресник Бектеши, министерот за животна средина Насер Нуредини, инвеститорот на централата и градоначалникот на Општина Брвеница, во чиј состав е Теново.
Зборувајќи за плановите на Владата за зголемување на обновливите извори на енергија, Заев најави дека во подготовка е доделување на нови 60 мегавати фотонапонски централи по пат на јавно-приватно партнерство, нагласувајќи дека сме лидери во регионот во растот на обновливи извори на енергија. Тој го најави и проектот на 100-мегаватна фотонапонска централа кај стариот рудник Осломеј, чија постапка била завршена.
З. АНДОНОВ