Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома од денеска е достапен онлајн и бесплатно за користење на интерактивната платформа makedonski.gov.mk . Платформата беше промовирана денес во чест на 5 Мај – Ден на македонскиот јазик. Денот е востановен пред две години во чест на историскиот 5 мај 1944 кога е усвоена современата македонска азбука.
Авторите и редакцијата на Толковниот речник со над 100.000 зборови ги подготвија печатените 4.200 страници за електронското издание, откако по предлог на Советот за македонски јазик и на барање на Институтот за македонски јазик, Владата одлучи трајно да ги откупи материјалните права на составувачите на овој значаен лексикографски труд. Министерството за образование и наука (МОН) ја операционализираше одлуката, а Министетството за култура го стави онлајн-изданието на Толковниот речник во националната програма за „Годината на Конески“.
Платформата понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за да расте и да се развива.
Раководителката на проектот и главен редактор на електронското издание на ТРМЈ, проф. д-р Снежана Велковска, на промоцијата истакна дека Толковниот речник е колективен труд и изработен од патриотски причини бидејќи единствено ние немавме ваков речник. Вложиле голем напор да го приспособат материјалот за електронската верзија, а се соочиле и со кражба на материјалот кој бил поставен на интернет, а притоа, како што рече, никој не ги заштитил.
„Во светот вакви речници се прават на многу покуси периоди, а нам ни требаше повеќе од 40 години за да пристапиме кон една ваква задача, Речникот е отпечатен само во илјада примероци што е ништо кога се работи за издание како што е Толковниот речник. Луѓето почнаа да го користат и да го цитираат Дигиталниот речник, а нас да не забораваат, иако материјалот е наш, со сите наши грешки… За кусо време на подготовка на материјалот за електронското издание, додавме барем 20-ина нови лексеми кои од разни причини не беа внесени претходно“, рече Велковска.
Таа појасни дека се работи за дескриптивен, македонско-макеоднски речник, во кој заглавните зборови се разработени на макеоднски јазик, во што, рече таа, е и неговото огромно значење за македонскиот народ. – Тоа е најдобар одговор на сите напади – и однадвор, и одвнатре. Во споредбени анализи може точно да се види каков е карактерот на нашиот јазик, во што е сличноста, а во што се раликуваме од другите, кажа Велковска.
Директорката на Институтот, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, рече дека Толковниот речник со децении ги сплотува нивните вработени, некои се веќе пензионирани, а сè уште посветени на големиот труд, и дека сето тоа е заокружено со добивањето на наградата за наука „Гоце Делчев“.
„Нема поголема сатисфакција за еден научник од неограничената достапност на животното дело. Преку Речникот созреавме, напредувавме, подостаревме, се докажавме. Денеска го подаруваме електронското на Толковниот речник на македонскиот јазик на македонската и на светската јавност. Сите заинтересирани ќе можат на еден клик и на едно место да ги отворат Толковниот речник и Правописот, рече Јованова-Грујовска.
Во оваа пригода таа соопшти дека се остваруваат нивните барања од пред две години, кога првпат беше одбележан Денот на македонскиот јазик – веќе добиле исплата на минат труд, им се изедначуваат платите со професорите на УКИМ, со МОН е финализирана постапката за финансирање проекти, со Министерството за култура ИЈМ почнува дигитализација на картотеките, а дигитално се објавени повеќе изданија.
„Ни остана уште насушна потреба од научен подмладок. Да си дадеме задача на следниот 5 мај да се пофалиме со квалитетен подмладок“, рече директорката на Институтот.
Министерката за образование Мила Царовска претходно соопшти дека Министерството за образование и наука за првпат годинава додели стипендии за студентите запишани на студиите за македонски јазик и книжевност.
На 8 декември 2017, во чест на Св. Климент, со одлука на Владата беше промовирано и достапно за јавноста електронското издание на Правописот на македонскиот јазик, кој исто така ќе биде достапен на новата платформа.
Денешната промоција беше дел и од чествувувањето 100 години од раѓањето на Блаже Конески, што е и во календарот на УНЕСКО за меѓународни јубилеи во 2021, и во годината кога се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874-1926) – патронот на Институтот за македонски јазик.
Б. НЕСТОРОСКА