16 КЛУБОВИ ОБВИНУВААТ ДЕКА ИЗБОРОТ НА ОГЊАН ЦИГОВСКИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СКИЈАЧКАТА ФЕДЕРАЦИЈА Е ФАЛСИФИКАТ

    16 КЛУБОВИ ОБВИНУВААТ ДЕКА ИЗБОРОТ НА ОГЊАН ЦИГОВСКИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СКИЈАЧКАТА ФЕДЕРАЦИЈА Е ФАЛСИФИКАТСкијачките клубови сметаат дека имаат обврска да го заштитат спортското скијање од скандали кои ќе и нанесат долгорочна меѓународна штета на државата. (Фото: СДК.МК)

    16 скијачки клубови бараат од надлежните институции да се поништи изборот на Огњан Циговски за претседател на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), бидејќи за нив легитимен претседател е олимпиецот Дејан Пановски, избран на редовното собрание на федерацијата на 2 февруари годинава. Тие обвинуваат дека изборот на Циговски е резултат на мешањето на политиката во спортот.

    За Циговски, 16-те клуба велат дека е избран за претседател на нелегитимно, незаконско и нестатутарно вонредно собрание на 3 февруари со фалсификувани документи, но и покрај тоа тој е впишан од Централниот регистар за нов претседател на СФМ, па клубовите обвинуваат за мешање на политиката во спортот.

    „Ова лице e сопственик и директор на неколку коцкарници и обложувалници и нема допирна точка со спортското скијање. Но, затоа пак стопанисува со ски центарот во Маврово и веројатно тоа му е главната препорака во политичките кругови за да биде инсталиран во Скијачката Федерација на Македонија“, се вели во соопштението на 16-те скијачки клубови, и се додава дека за сите овие незаконски дејствија покренати се кривични пријави до надлежното обвинителство и информирани се ФИС (Меѓународната скијачка федерација), ИБУ (Меѓународната биатлон федерација), МОК (Македонскиот олимписки комитет) и други надлежни институции во Македонија.

    Во соопштението, клубовите велат дека вонредното собрание на СФМ, на кое Циговски бил избран за претседател, е организирано со фалсификување на документи за наводната иницијатива, а тврдат и дека била направена манипулација со најстариот и најреномираниот скијачки клуб „Љуботен“ од Тетово, во чие име се појавиле поединци со нов клуб кој лажно бил претставен за правен наследник на овој славен скијачки клуб. На тоа собрание, 16-те клуба велат дека учествувале само 8 од вкупно 18 скијачки клубови, редовни членови на федерацијата. На жалбата до Второстепената комисија при Централниот Регистар за поништување на уписот на Огњан Циговски како претседател на СФМ, се потпишани 10 скијачки клубови.

    „Зад изборот на Дејан Пановски стојат мнозинството на скијачки клубови, кои својата поддршка писмено ја испратија до сите меѓународни скијачки спортски организации, недвосмислено потврдувајќи дека за нив спортот е пред сè! Ги повикуваме надлежните државни институции уште еднаш да ги преиспитаат своите досегашни одлуки и конечно да се стават на страната правото, законите и спортот. Македонското скијање не е рулет и никогаш не може да биде! Ничии бизнис интереси не можат да бидат поважни од иднината на македонскиот спорт. Ние ќе ја водиме оваа спортска и правна битка до крај. Сметаме дека е наша обврска да го заштитиме спортското скијање од скандали кои ќе и нанесат долгорочна меѓународна штета на државата“, велат клубовите.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира