ПО УРИВАЊЕТО НА ДИВОГРАДБИТЕ ПЛАЖИТЕ ВО ОХРИД ПОЛНИ СО СТАКЛА, ШТИЦИ И ШАЈКИ, ОПШТИНАТА ВЕЛИ ЌЕ БИДАТ СПРЕМНИ ЗА СЕЗОНАТА

    ПО УРИВАЊЕТО НА ДИВОГРАДБИТЕ ПЛАЖИТЕ ВО ОХРИД ПОЛНИ СО СТАКЛА, ШТИЦИ И ШАЈКИ, ОПШТИНАТА ВЕЛИ ЌЕ БИДАТ СПРЕМНИ ЗА СЕЗОНАТА„Охрид СОС“ реагира дека без стручен надзор, без план, стратегија и динамика се отстрануваат диво поставените објекти на плажите во Охрид. (Фото: Охрид СОС)

    Без стручен надзор, без план, стратегија и динамика се отстрануваат диво поставените објекти на плажите во Охрид, а багерите зад себе оставаат скршени стакла, ‘рѓосани железни конструкции, штици со шајки и секаков шут расфрлан на плажите на Охридско Езеро, реагираат од граѓанската иницијатива Охрид СОС. Тие прашуваат дали Општината ништо не правеше со месеци во врска со дивоградбите, за да почне неплански да урива кога ќе почнат да доаѓаат туристи и да гледаат депонии наместо плажи.

    „Тоа што го гледаме на терен е повеќе за театар отколку за спроведување на препораките на УНЕСКО. Постојано се случува вака околу клучни термини и временски периоди. Првпат по седницата во Баку во 2019, потоа пред изборите во 2020 и сега пред претстојната седница на Комитетот на УНЕСКО. Во еден вака значаен регион со вакви извонредни природни вредности сето ова се спроведува без никаков стручен надзор. Гледаме дека никој не знае што прави, нема никаков ред, а што е најстрашно нема никаков надзор. За што постои Хидробиолошкиот завод, зошто не поканат стручни лица да го надгледуваат тоа што се случува? Тоа што го прават е неплански, аматерски, а згора на тоа го оставаат и шутот на самите плажи што е опасност за посетителите“, велат од Охрид СОС.

    Според неа, ниту централната ниту локалната власт имаат стратегија за отстранување на дивоградбите.

    „Со регионот со години, со децении неодговорно се управува и кога властите се доведени пред свршен чин во јавноста создаваат слика дека УНЕСКО нѐтера да уништуваме. Тоа што се бара од УНЕСКО е да се воведе ред, а за тоа треба професионални и стручни лица. Доколку стручни лица управуваа овие незаконски градби немаше да постојат“, велат од Охрид СОС .

    Од Општината велат дека градежниот шут кој остана по уривањето на дивоградбите навремено се отстранува. (Фото: Охрид СОС)

    Од граѓанската иницијатива Охрид СОС се децидни дека одржливиот развој треба да биде приоритет за еден вака значаен регион. Управувањето мора да биде одговорно, а елитниот туризам е единствениот кој треба да се развива. Според нив, стручните лица кои знаат што значи заштита и развој во склад и хармонија со природните и културните вредности, треба да бидат вклучени во заштитата и развојот на едно вакво единствено и уникатно скапоцено подрачје.

    Од Општината велат дека градежниот шут кој остана по уривањето на дивоградбите навремено се отстранува и охридските плажи ќе бидат подготвени за туристичката сезона. Додаваат дека со отстранувањето на бесправно изградените објекти на плажите се овозможува нивно слободно користење без нелегално наплаќање за влез и лежалки.

    Според најавите, до средината на јуни треба да заврши уривањето на дивоградбите на охридските плажи.

    Општина Охрид донесе Решение и за отстранување на времените објекти во автокампот „Градиште“, откако при спроведениот вонреден инспекциски надзор на 15 автокамп приколки, затекнати биле бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи. Исто така имало и недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти, а на одредени локации и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија.

    За разлика од Охрид, локалната самоуправа во Струга останува на ставот дека нема да дозволи уривање бидејќи, како што велат, градот е туристички центар, а од друга страна со рушењето ќе се загрози егзистенцијата на повеќе од 300 семејства, а општинската каса ќе изгуби голем број на финансиски средства.

    „Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивно. Секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети дека се бараат, а ние како локална власт им стоиме на располагање, ние сакаме да имаме привлечен град, не само за туристи од државата туку од цел свет. Сите атрактивни туристички дестинации треба да бидат уредени со угостителски локали каде туристите ќе може да уживаат “, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

    За градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, објектите на плажите не се за развој на туризмот туку само нелегални објекти кои ќе бидат отстранети пред туристичката сезона.

    „Туризмот во Охрид не е врзан со пет-шест објекти на наши сограѓани, кои што сакаат да узурпираат државна земја и да заработуваат противправно. Охрид е многу повеќе од тоа, Охрид е светско природно културно богатство, сите плажи припаѓаат на сите нас. И затоа оваа година ќе ги ослободиме. Нема да дозволам приватни лица да узурпираат државна земја, тоа време заврши“, вели градоначалникот Георгиески.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира