Дерек Шовин е осуден на 22,5 години затвор за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис во мај минатата година, што е една од најдолгите казни изречени за американски полицаец за вакво злосторство досега.
Пред да биде осуден, Шовин му изрази сочувство на семејството на Флојд, кое е разочарано од казната, зашто обвинителите бараа 30 години. Братот на Флојд, Теренс, на сослушувањето ја бараше максимално дозволената казна од 40 години. Со добро однесување, 45-годишниот Шовин би можел да добие помилување по отслужувањето на две третини од казната и да биде на слобода за околу 15 години.
„Само затоа што казната е долга не значи дека е доволна“, изјави Некима Ливи Армстронг, лидер на демонстрантите во Минеаполис.
Претседателот Џо Бајден изјави дека казната му изгледа соодветна, но додаде дека не ги знае сите детали.
Шовин веднаш беше спроведен во затвор. Тој е осуден за убиство без намера од втор степен, убиство од трет степен и убиство од небрежност од втор степен откако девет и пол минути го држеше коленото врз вратот на Флојд при приведување. Убиството на Флојд предизвика масовни и на моменти насилни протести низ САД.