ВРАТЕТЕ НИ ГИ ИМОТИТЕ НА ГРАДИШТЕ, БАРААТ ЖИТЕЛИТЕ ОД ПЕШТАНИ КОИ ДЕНЕСКА ПРОТЕСТИРАА ПРЕД КАМПОТ

    ВРАТЕТЕ НИ ГИ ИМОТИТЕ НА ГРАДИШТЕ, БАРААТ ЖИТЕЛИТЕ ОД ПЕШТАНИ КОИ ДЕНЕСКА ПРОТЕСТИРАА ПРЕД КАМПОТЖители на Пештани денеска пред автокампот „Градиште“ со мирен протест уште еднаш побараа Законот за денационализација да важи за сите и да им се вратат имотите. (Фото: СДК.МК)

    Под мотото „Правда за Градиште – вратете ни ги имотите“, Здружението на граѓани „Оревче“ со одземени имоти од охридското село Пештани денеска пред автокампот „Градиште“ со мирен протест уште еднаш побара Законот за денационализација да важи за сите и да им се вратат имотите.

    Повеќе од 100 наследници од 36 семејства што во „Градиште“ поседувале имот со вкупна површина од 150.000 метри квадратни вреден 30 милиони евра, се незадоволни од работата на Општинската комисија за денационализација, која според нив, неоправдано ја одолговлекува постапката за решавање на нивните барања за враќање на имотите.

    Пештанци, кои 21 година бараат правда за денационализираниот имот на атрактивниот автокамп, се заканија дека ова е последен мирен протест по што најавија порадикални мерки.

    „Бараме Законот за денационализација што го донесе Парламентот доследно да се примени. Ние сме оштетени и не можеме да ги оствариме нашите права. Забранет ни е и влез во автокампот од страна на закупците. Ова е камп од отворен вид, ова е влез кој води до нашите имоти“, реагираат пештанци.

    Спорниот имот е национализиран во 1957 година. Сопственик на имотот е државата, а корисник е приватна фирма. Наследниците велат дека фирмата се приватизирала во 2002 и покрај тоа што две години пред тоа била почната судска постапка за враќање на имотите.

    „Имаме профитери кои профитираат на нашите имоти, прават огромни пари, а државата од сето тоа нема ништо. Пред 4 дена имавме јавна расправа во Управен суд, побаравме мониторна одлука, значи 4 пресуди донесени во корист на тужителката истиот суд го враќа предметот. Да дојде Комисијата на лице место и да утврди дали на парцелата којашто е спомната има објекти. Тука нема објекти, сè е дивоградба“, вели Ѓоре Танески, претседателот на Здружението „Оревче“.

    Од фирмата закупец, ТД „МКМ Нова Трејд“ од Пештани велат дека ја поседуваат целокупната документација за стопанисување со автокампот „Градиште“, договор за закуп со АД „Инекс Горица“, како и потребните одобренија и дозволи од надлежните институции.

    „Со ваквите активности и блокади на автокампот од страна на Здружението Оревче ни се нанесува значителна репутациска и материјална штета за што, по консултација со нашиот правен тим, ќе поднесеме соодветна пријава пред надлежните органи за понатамошно постапување“, велат од „Нова Трејд“.

    За нелегалните објекти кои се направени на спорниот имот кој е во процес на денационализација, градоначалникот Константин Георгиески неодамна најави дека ќе бидат отстранети со акцијата за уривање на дивоградбите долж крајбрежјето.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира