МАКЕДОНСКАТА АРМИЈА ПО 19 ГОДИНИ АНГАЖМАН ВО АВГАНИСТАН СЕ ВРАТИ ДОМА

    МАКЕДОНСКАТА АРМИЈА ПО 19 ГОДИНИ АНГАЖМАН ВО АВГАНИСТАН СЕ ВРАТИ ДОМАВо Авганистан во изминатите две децении служеа 3.500 припадници на АРМ (Фото: Фејсбук)

    По 19 години, македонската армија го заврши својот ангажман во Авганистан и нејзини последни припадници се вратија дома. Македонските мировници во изминатите речиси две децении беа дел од мисиите „Одлучна поддршка“ и „ИСАФ“, а враќањето е во рамките на планираното повлекување на НАТО војските и сојузниците од Авганистан, што треба целосно да се спроведе до септември.

    „Ви благодарам за сето ваше залагање, знаење и мотивација и за способноста што ја покажавте и кои потврдија дека вие сте војници на кои НАТО алијансата може да се потпре“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свеченоста во касарната „Илинден“.

    Македонските војници првпат заминаа за Авганистан во 2002 и во наредните 13 години беа дел од меѓународните сили ИСАФ, при што беа ангажирани на различни позиции и задачи. Тие потоа во намален број продолжија да дејствуваат во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул. Севкупно, во Авганистан служеа 3.500 припадници на АРМ.

    „Предизвикот да ги претставуваме нашата армија и нашата држава, во тоа време аспирант за членство во НАТО, беше огромен. Но, нашата одлучност, проследена со напорна работа и обука, придонесоа за достојно трасирање на патот за идните генерации наши колеги, кои продолжија да бележат успеси во мисиите во Авганистан“, рече првиот командант на контингентот на АРМ во ИСАФ, потполковникот Фето Бајрами.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира