Дел од битолчани имаа можност денес да погледнат низ така наречените „пијани очила“ за во свесна состојба да видат како му изгледа коловозот на пијаниот возач. „Пијаните очила“ се користеа како реквизити за подигање на свеста кај учесниците во сообраќајот во рамки на летната кампања што ја спроведуваат МВР и Регионалниот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
„Ги ставив очилата и наместо една лента, на патот ни излегуваа две. Не можеш да се снајдеш во таква состојба со возилото“, рече битолчанецот Љупчо Петровски.
Надлежните соопштија загрижувачки податоци во однос на црни рекорди на патиштата во државата.
„Затрашувачка е ситуацијата кога на радар ќе фатите некој што вози со брзина од 300 километри на час, тоа не е нормално. Или кога ќе измериме на дрегер 3,74 промили алкохол, тој човек не може да оди, не да вози“, рече Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Во текот на вчерашниот ден, 10 јули, биле регистрирани 434 возачи кои возеле над дозволената брзина на територијата на Македонија, а синоќа од 23 часот до 5 часот евидентирале 231 возач кои управувале возила под дејство на алкохол. Од нив 35 на територија на СВР Битола.
„Прекршоците се прават од сите категории граѓани, помладата генерација главно прави прекршок на возење без возачка дозвола, но доколку зборуваме за алкохол и пречекорена брзина немаме старосна граница, нити полова структура“, рече Ангеловски.
Надлежните апелираа до граѓаните да не управуваат возила под дејство на алкохол, да внимаваат на брзината и на знаците, а исто така и на заморот зашто во јули и август статистички најмногу се гине на патиштата.
„Во тек е летната кампања под мотото ‘Вози одморен’. Целта е да ја зголемите безбедноста во сообраќајот, да ги едуцираме возачите и да проработи свеста кај нив при управување со моторно возило на висока температуира да не го занемаруваат заморот бидејќи сообраќајните незгоди каде предизвикувач е заморот, за жал, се фатални“, рече Гордана Кожуваровска, претседател на Регионалниот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА