Основниот суд Скопје 1 нема да кажува кога ќе се повикуваат на распит осомничените во случаите на Специјалното јавно обвинителство “за да не се прават спектакли“, соопшти денеска Судот по барање на новинарите да им се каже кога на распит ќе бидат повикани Миле Јанакиески и Елизабета Канческа – Милевска.
„Во однос на повеќе новинарски прашања што беа упатени до судот во врска со повикување на сослушување на лица опфатени во истражни и во предистражни предмети кои ги води Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), ја информираме јавноста дека со оглед на тоа што со постапките на СЈО се прават спектакли со кои секојдневно се занимава јавноста преку прес–конференции и телевизиски излагања, а истовремено не се води сметка за презумијата на невиност и за законитоста на постапките, судот, респектирајќи го дигнитетот на судската власт, нема да учествува во ваков вид спектакли туку, наместо тоа, отсега благовремено и прецизно ќе ја информира јавноста за сите донесени одлуки преку соопштенија“, стои во соопштението од судот.
Специјалното јавно обвинителство уште во четвртокот испратило барање до судот на двајца осомничени во случајот да им бидат одземени пасошите и еднаш неделно да се јавуваат кај службено лице во судот.