Директорот на Паркинзи Општина Центар Васко Кичевски вели дека бил само сведок на синоќешната тепачка во кафеана во скопско Дебар Маало во која учествувале негови пријатели од масата на која седел тој, во демантот испратен до нашата редакција за текстот „ВО КАФЕАНА ВО ДЕБАР МААЛО НАПАДНАТ ДИРЕКТОРОТ НА ПОЦ ВАСКО КИЧЕВСКИ, ВО ГРУПНА ТЕПАЧКА СО СТАКЛО ПОВРЕДЕНИ И ГОСТИ“.
„Би сакал најостро да ја демантирам оваа информација за било каква инволвираност од моја страна во вчерашниот инцидент кој се случи во ресторанот Дебар Маало. Имено, сакам да ја информирам јавноста дека јас не учествував во инцидентот иако се случи на масата на која што седев. Двајца за мене непознати лица дојдоа во ресторанот и ги нападнаа и повредија моите пријатели. За овој инцидент има и видеозапис како доказ на кој јасно се гледа дека јас бев само сведок на немилиот настан“, вели 36-годишниот Васко Кичевски и повторува дека ниту бил нападнат, ниту учествувал во инцидентот.
Според МВР, во тепачката учествувале девет лица, а четворица биле повредени. Меѓу учесниците во физичката пресметка е наведен и директорот на ПОЦ Кичевски.
„На 10.08.2021 во 23.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека бил нарушен јавниот ред и мир во угостителски објект во скопско Дебар Маало, со физичка пресметка помеѓу М.С.(35) од с.Бардовци, скопско, Д.А.(36), Е.Д.(36), Б.Т.(36) и В.К.(36), сите од Скопје, од една страна и С.Б.(31), А.Р.(31), двајцата од Скопје и уште две лица, од друга страна. Според пријавеното, притоа биле користени тврди и стаклени предмети, а со повреди се здобиле С.Б., А.Р., М.С. и Д.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјавија од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК.
М. ИЛИОСКИ