За половина година, од буџетот на Општина Велес се исплатени 2,13 милиони денари (35.000 евра) како
обесштетување за каснување од куче. Стигнале 34 пријави од оштетени граѓани.
„Дел од средствата се исплатени по пат на спогодба, дел по основ на судска пресуда. Како обесштетување од општинскиот буџет се исплатени вкупно 2.132.954 денари“, велат од локалната власт.
Лани биле исплатени 2,7 милиони денари за 69 случаи, во 2019 година 2,3 милиони, а во 2018 година 1,7 милиони денари за 58 претставки.
Во првите шест месеци од годината, на Инфективното одделение на велешка болница биле пријавени 26 граѓани кои побарале помош откако биле каснати од куче. Оваа бројка се однесува и на кучињата бездомници и на кучињате кои имаат сопственици, а такви случаи имаше неколку, според билтенот на СВР Велес.
„Исплатени се огромни суми од општинскиот буџет по тужби на граѓани, кои наместо за инфраструктурни работи, ги даваме за обесштетување“, вели градоначалникот Аце Коцевски.
Локалната власт го решава проблемот со бездомните кучиња во соработка со „Пансион Гиовски Тим“, со кого има склучено договор за заловување, стручен третман и грижа на кучињата скитници, кои потоа се враќаат назад на улица.
„Оваа пракса ‘залови, кастрирај, вакцинирај, пушти го‘ не дава резултати, тоа е евидентно. Потребно е залови и смести, да се изгради стационар, прифатилиште“, вели Димче Никушев, претседателот на здружението „Вила Зора канис“.
Здружението „Гласот на животните“ располага со стационар кој згрижува повеќе од 150 бездомни кучиња. Овој стационар, во сопственост на невладина организација, функционира на основа на донации од поединци и фирми и таму волонтираат членовите на здружението.
„Проблемот не се кучињата скитници, туку неодговорните сопственици, кои ги оставиле на улица“, вели Меги Ѓорѓиева-Ѓаков од „Гласот на животните“.
П. ПЕЧКОВ