ЕВОЛУИРАВМЕ, НЕМА ДА ИМА ОДМАЗДИ, А ЖЕНИТЕ ЌЕ ГИ ИМААТ СИТЕ ПРАВА, КАЖАА ТАЛИБАНЦИТЕ НА СВОЈАТА ПРВА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

    ЕВОЛУИРАВМЕ, НЕМА ДА ИМА ОДМАЗДИ, А ЖЕНИТЕ ЌЕ ГИ ИМААТ СИТЕ ПРАВА, КАЖАА ТАЛИБАНЦИТЕ НА СВОЈАТА ПРВА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈАТалибанците велат дека не сакаат веќе да има војни во Авганистан и им простиле на сите кои се бореле против нив (Фото: Би-Би-Си)

    По 20 години ги исфрливме странците од Авганистан и тоа е горд момент за нашата земја, изјави портпаролот на талибанците Забихула Муџахид, кој првпат се појави во јавност.

    Талибанците ја одржаа првата прес-конференција откако во неделата влегоа во Кабул и воспоставија контрола врз целата држава, по брзата офанзива која траеше десетина дена. Муџахид кажа дека сакале да запрат пред портите на Кабул, но претходната влада се покажала толку некомпетентна, што морале да влезат за да ја обезбедат сигурноста на жителите и да спречат хаос и грабежи.

    „Ја уверувам меѓународната заедница дека никој нема да биде повреден. Ние не сакаме проблеми со меѓународната заедница. Имаме право да дејствуваме според нашите верски начела. Авганистанците имаат право на свои сопствени правила и регулативи во согласност со своите вредности. Посветени сме да ги штитиме правата на жените во рамките на шеријатското право. Тие ќе работат и учат рамо до рамо со нас и нема да има дискриминација. Тие ќе бидат многу активни во нашето општество, сето тоа во рамките на шеријатското право“, кажа Муџахид.

    Тој вели дека не сакаат веќе да има војни во Авганистан и дека им простиле на сите кои се бореле против нив, сето тоа во интерес на мирот и стабилноста во земјата.

    „Нема да има одмазди, никој нема да биде испрашуван и прогонуван. Гарантираме безбедност во целата земја, нема да има киднапирања и непријателства. Сакаме младите да останат во земјата, не сакаме никој да си замине“, рече Муџахид и додаде дека многу работи ќе бидат појасни откако ќе се формира влада.

    Тој тврди дека талибанците еволуирале и дека сега поинаку ќе постапуваат.

    „Ние бевме и сме муслиманска земја, но во поглед на искуството, зрелоста и визијата, се разбира дека сега има голема разлика во споредба пред 20 години. Авганистанското тло нема да се користи против други држави“, кажа Муџахид откако беше прашан за можното присуство на Ал Каеда во земјата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира