ГОРАН ВЕ ЧЕКА ЗА МУАБЕТ ВО ДЕБАР МААЛО, ВЕЛИ СИН МУ ИГОР ОТКАКО КЛУПАТА СТИГНА ВО СКОПЈЕ ПО ГОДИНА И ПОЛ

    ГОРАН ВЕ ЧЕКА ЗА МУАБЕТ ВО ДЕБАР МААЛО, ВЕЛИ СИН МУ ИГОР ОТКАКО КЛУПАТА СТИГНА ВО СКОПЈЕ ПО ГОДИНА И ПОЛБронзеното спомен-обележје е поставено во неговото омилено Дебар Маало, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. (Фото: К. Попов)

    Клупата на бардот на македонската култура Горан Стефановски после една година изработка, долги ковид-месеци во магацин, и неколку недели во кутија, од денеска е поставена во скопско Дебар Маало.

    Бронзеното спомен-обележје е поставено во неговото омилено Дебар Маало, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.

    Поради пандемијата на ковид-19, лани од Лондон во Скопје не стигна клупата која требаше да се постави за неговиот роденден.

    Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018 на 66 години.

    „За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен). Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите“, напиша на Фејсбук неговиот син Игор Стефановски.

     

    Споменикот е дело на студиото „Спејсер“ од Лондон. (Фото: К. Попов)

    Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ лани изјави дека  парите потребни за лиење на клупата во Лондон, општината ги обезбедила преку донации и дека се префрлени на сметката на неговото семејство.

    Горан Стефановски, бардот на македонската драма, почина на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше. Академик Стефановски е автор на легендарните и популарни драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира