На 1 ноември почнува санацијата на една од читалните во Националната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“, а следната година и покривот, најавија денеска министерката за култура Ирена Стефоска и в. д. директорката Јелисавета Костадинова. Изминативе месеци на социјалните мрежи се појавија фотографии од прокиснатата читална.
„Не смееме ништо сега да почнуваме, поради локалните избори и Антикорупциската комисија, но почнуваме веднаш по изборите. За една од читалните добивме пари од Министерството за култура, 1,5 милиони денари. Библиотеката во ниеден момент нема да биде затворена за јавноста, во функција се другите читални“, кажа директорката Костадинова.
Министерката рече дека покривот ќе се санира вгодина, со пари од Годишната програма за 2022, а првичните проценки се дека се потребни 40-50 милиони денари.
Стефоска и Костадинова денеска ги прошетаа медиумите низ Библиотеката, заради подигнување на свеста за значењето на објектот и во вид на апел за поддршка во процесот на зацелување и заживување на просторот кој го чува нашето национално богатство.
Обjeктот е изграден во 1972 според проектот на архитектот Петар Муличковски, и како што рече Костадинова, беше една од најсовремените и најмодерните библиотеки на овој простор.
„Но, текот на времето си го направи своето и ја повикувам целата јавност да даде придонес да го оживееме овој простор. Апелирам за поддршка од општествено-одговорната јавност, особено потребна во делот на санација на посебните читалници, кои некогаш служеле за научно-истражувачка работа, и нивно осовременување и компјутеризација“, кажа Костадинова, а министерката се надоврза: „Библиотеката не е само столчиња и кров, сакам да ја кренеме да нозе да биде сврталиште на млади луѓе“.
Стефоска додаде дека почнува процесот за прогласување на библиотечниот материјал за Културно наследство во опасност, статус кој ќе овозможи брзи интервенции за негово зачувување и соодветно чување, како и вложување во стручен кадар, во опрема и во збогатување на содржината на библиотечниот фонд.
Костадинова, која рече дека наскоро заминува во пензија, потенцираше дека кога таа се вработувала, Библиотеката имала 250 вработени, а денес има 89, и затоа е неопходно, вложување во кадарот.
Директорката нѐ однесе и до новата зграда, која во 2009 во мандатот на поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска се изгради како продолжение на веќе постоечката, но досега нема добиено дозвола за технички прием. Таму, вели Костадинова, од самиот почеток, не е јасно зошто не е решено греењето и ладењето, и поради спарната атмосфера, таму во фунцкија се само две канцеларии. Костадинова и министерката проговорија токму и за тој проблем, и најавија дека за сѐ тоа ќе се разгледува во проектот за ревитализација на Библиотеката.
Б. НЕСТОРОСКА