ВЛАДАТА ТВРДИ ДЕКА НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ ДОЈДАТ АВИОНИТЕ СО ЕВАКУИРАНИТЕ АВГАНИСТАНЦИ

    ВЛАДАТА ТВРДИ ДЕКА НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ ДОЈДАТ АВИОНИТЕ СО ЕВАКУИРАНИТЕ АВГАНИСТАНЦИАвион од типот Ембраер 195 со кој се најавени хуманитарните летови на Хелветик (Фото: Хелветик)

    Од Владата велат дека вечерва на Скопскиот аеродром  нема да слета авион со евакуирани бегалци од Авганистат, ниту пак знаат кога ќе биде тоа. Од службата за односи со јавноста попладнево испратија демант на текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК тврдејќи дека немаат никаква најава за слетување на авион со Авганистанци.

    “Вечерва никој не пристигнува. Ситуацијата на и околу аеродромот во Кабул останува неизвесна, меѓународните организации се обидуваат да ги донесат своите луѓе до аеродромот и да обезбедат безбедни летови, но до овој момент нема конкретна најава. Штом пристигнувањето биде извесно, ќе информираме”, стои во дописот од Владата.

    Според информации на САКАМДАКАЖАМ.МК првите авиони со евакуирани бегалци од Авганистан беа најавени дека ќе слетаат доцна попладнево, потоа беа презакажани за доцна вечерва. Дозволата за хуманитарните летови е издадена на швајцарската компанија „Хелветик“ која бегалците ќе ги превезе со три авиони  од типот “ембраер 195“ со капацитет од 134 седишта.

    Првата група требаше да дојде во понеделникот вечерта со авион на авганистанската компанија „Камер“. Но, бидејќи авганистанските авиопревозници се ставени на црна листа на Европската унија како небезбедни, организаторите на евакуацијата го одложија нивното доаѓање преку Истанбул со авиони од европска земја.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира