ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД И СЛУХ ЌЕ ДОБИЈАТ ВИДЕО И АУДИОВОДИЧИ ЗА АРТЕФАКТИТЕ ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБА

    ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД И СЛУХ ЌЕ ДОБИЈАТ ВИДЕО И АУДИОВОДИЧИ ЗА АРТЕФАКТИТЕ ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНСКАТА БОРБАПоврзувањето со постојаната поставка во Музејот ќе биде овозможено со скенирање на кју-ар код. (Фото: Музеј на македонска борба и самостојност)

    Изложба со десет тактилни слики се подготвува  во Музејот на македонската борба за самостојност со цел предметите од постојаната музејска поставка да бидат доближени до слабовидните и лицата со оштетен вид.

    Директорката на Музејот Даниела Николова, вели дека на панели со димензии 100 на 70 сантиметри претставени се тактилна слика и опис на предметот на Брајово писмо, фотографија и краток текст. За предметите изработени се видеа на знаковен јазик и аудиоприказни со кои посетителите ќе имаат можност да слушнат и дознаат повеќе информации за предметите, без оглед на попреченоста.

    Аудио и видеоматеријалите ќе бидат достапни на нивната веб страна, на социјалните мрежи и на Јутјуб, како и во постојаната поставка каде поврзувањето ќе биде овозможено со скенирање на кју-ар код.

    Аудио и видеоматеријалите ќе бидат достапни на веб страната на Музејот. (Фото: Музеј на македонска борба и самостојност)

    Станува збор за проект „Фокус“, поддржан од Балканска музејска мрежа преку програмата за мали грантови и „Хедлс траст“ од Велика Британија.

    „Со проектот ‘Фокус’ музејот успешно ја спроведува својата мисија за унапредување на пристапноста и инклузивноста на постојаната поставка, преку креирање музејски содржини достапни за сите. Овој процес продолжува и во иднина согласно современите музејски трендови каде инклузивноста и пристапноста се врвни приоритети во долгорочните стратегии на секој музеј. Нашиот прв чекор, во мај годинава, беше за спроведување на истражувањето за пристапност од страна на два обучени експерти од Балканска музејска група за пристапност. Во оваа фаза, се фокусиравме на инклузивните и достапни елементи најмногу за слепите лица и лицата со оштетен вид, но исто така и за глувите лица и лицата со оштетен слух. Нашата визија е да бидеме препознатливи како ‘Музеј за сите’, како социјално одговорен музеј“, вели Николова за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    За предметите изработени се видеа на знаковен јазик и аудиоприказни. (Фото: Музеј на македонска борба и самостојност)

    Раководителка на проектот е Ирена Ружин,  Јове Парговски е одговорен за тактилните слики, Катерина Шаркоска- интерпретација на знаковен јазик, Андријана Шокларовска- текст на Брајово писмо, Силвана Петрова-Насух- наратор, Михаил Марковски- аудио и видеомонтажа.

    Во тимот за описи на предмети и стручни консултации се:  Владимир Јаневски етнолог, Фима Трајковска кустос-советник, Коле Киселиновски, документатор и Ана Вишинова, едукатор која изработи адаптацијата на текстовите.

    Отворањето на изложбата се најавува за септември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира