САД, преку УСАИД, во наредните 4-5 години ќе додели 56,6 милиони долари за програми за намалување на корупцијата, како и за проекти за зајакнување на економската конкурентност и за зголемување на придонесот на младите во општеството во Северна Македонија.
Владата денеска соопшти дека САД го зголемиле грантот за Северна Македонија од 8,2 милиони долари на 56,6 милиони долари и го овласти министерот на финансии Фатмир Бесими да го потпише договорот со новиот амандман. Станува збор за Договор за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
На 9 јуни годинава, државниот секретар на САД Ентони Блинкен кажа дека корупцијата каде било директно ги загрозува надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на САД и нивните партнери и сојузници, коментирајќи ја Извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден за проширување на опсегот на санкциите против лица од Западен Балкан.
Со Извршната наредба ќе се наметнуваат санкции на индивидуи и организации одговорни за корупција во регионот, вклучувајќи злоупотреба на јавни фондови, експропријација на приватен имот за лична корист или за политички цели, или поткуп.