Огромна карпа се урна на патот над населбата со викендички Елен Камен во Струга. Патот кој води кон селото Радожда е фреквентен со возила, но за среќа големите камењата ја оштетиле само банкината.
Жителите од оваа туристичка населба вознемирени и исплашени велат дека опасноста сè уште постои, оти со голо око се гледаат пукнатините од местото каде се отцепил одронот. Бараат надлежните да утврдат во каква состојба се карпите и да се постави соодветна заштита.
Од „Македонија пат“ излегле на терен го расчистиле патот, но карпите кои ги исфрлиле кон брегот на езерото ги оштетиле водоводните цевки.
„Пред да се случи оваа трагедија, писмено ги известивме локалните и државните власти да се санира карпата над патот Радожда – Елен Камен, бидејки постои можност за одронување. И за жал, тоа и ни се случи. Санација на патот беше извршена, но само за да се даде проодност, со што од една катастрофа се случи друга. Ја оштетија водоводната цевка и целиот пат кој води кон Елен Камен е под вода“, вели претседателот на Месна заедница Елен Камен, Емил Попоски.
Мештаните бараат надлежните итно да стават заштитни мрежи за поголема безбедност на минувачите.
„Бараме под итно од локалните власти и од Министерство за транспорт и врски, да се стави некаква изолација, мрежа или доминирање на карпата оти во зима, самиот мраз и сонцето ќе ја зголемат ерозијата и ќе направат голема штета што не е посакувана од никого“, додава Попоски.
Жителите од Елен Камен стравуваат и од одрони од карпата до манастирот „Свети Атанасија“, која е веднаш над нивните викендици. И таму огромни пукнатини се видливи со голо око.
Одрон на карпа во февруари годинава се урна и во струшкото село Радожда, кај пештерната црква „Свети Архангел Михаил“, но за среќа и тогаш беше предизвикана само материјална штета.
С. ВРЕНЦОВСКА