Хајра Ќатиќ, претседателката на здружението „Жените на Сребреница“ кое повеќе од две децении трага по останките на 8.000 муслимани убиени во масакрот во 1995, почина вчера во Сараево на 78 години. Таа никогаш не пронајде ниедна коска од својот син, кој настрада во најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна, кое беше прогласено за геноцид од два меѓународни суда.
Ќатиќ изгубила 20 машки роднини во масакрот извршен од силите на босанските Срби, вклучувајќи ги сопругот и 26-годишниот син Нино, новинар кој за време на војната известуваше од Сребреница за повеќе медиуми од БиХ.
„Хајра Ќатиќ почина без да биде во можност да го погреба својот син. Иако цел живот се бореше за тоа, никогаш не успеа да пронајде ниедна негова коска. Таа 26 години го одржуваше сеќавањето на храброста на нејзиниот син, охрабрувајќи други да продолжат да се борат за вистината и правдата“, соопшти Меморијалниот центар во Сребреница.
Нино Ќатиќ го испрати последниот извештај на 10 јули 1995, ден пред градот да биде освоен од војската предводена од Ратко Младиќ.
„Да можам да пронајдам само еден прст од синот, би имала што да погребам“, изјави Хајра Ќатиќ во 2010.
Таа избега во Тузла по масакрот, каде што го формираше здружението „Жените на Сребреница“ и на секој 11-ти во месецот организираше протести барајќи апсење на одговорните.