Семејството на првиот графичар во Битола, Ранко Струмениковски (1936-2000), ја претвори неговата семејна куќа во музеј, галерија и графичко ателје, во која се изложени неговите дела, а во иднина ќе биде и центар за културни настани. Теодора Теа Ристевска изработи и документарен филм по повод 85 години од раѓањето на нејзиниот дедо.
„Имав само шест години кога тој почина. Физички не е присутен, но живее со нас. Неговите графики беа дел од нашата семејна збирка и живееја меѓу нас. Идејата беше зошто само ние да им се воодушевуваме, зошто да не ги споделиме со нашите град и сограѓани“, рече Ристевска, која живее и работи во Љубљана, а допатува во Битола за отворањето на галеријата.
Струмениковски бил еден од креаторите на Графичкото триенале од 1968, по кое Битола го доби својот специфичен културен белег „град на графиката“. Иако имал можности да остане во Белград, каде што студирал или да работи во Италија, тој сепак се вратил во Битола.
„Во Битола доаѓа како графичар по завршувањето на Академијата за применета уметност во Белград. Доаѓа во град во кој нема ниедна графичка преса, ни хартија за создавање графика, каде познавањата за графиката се скоро минимални. Бил храбар и одлучен и од Битола создаде центар на графичко творештво“, вели Владо Ѓоревски-Рафик, графичар и уметнички директор на Меѓународното графичко триенале во Битола.
Ликовната критика високо ги вреднувала неговите графички креации. Инспирацијата ја наоѓал во историското минато и лирските описи на природниот хоризонт од Преспа и Македонија. Не ги продавал неговите дела, туку ги подарувал. Оние изложени во галеријата се само дел од неговиот опус, а голем дел има во многу битолски куќи.
Но, тој бил задолжен и за визуелниот изглед на градот. За сите нови згради што се граделе се слушал неговиот совет каква боја да има фасадата.
„Го сменил начинот на визуелното опсервирање на нашата средина, Битола, покрај Љубљана, да има своја боја, тоа е бојата на праската“, вели Ѓорески.
Ќе остане запаметен и по бројните креации на логоа на фирми, здруженија, институции, книжевни дела и весници во Битола.
„Ранко ја има задолжено Битола со многу нешта, така и со неговите логоа на бројни стопански фирми, од кои дел денес не постојат и на значајни културни институции: Македонско научно друштво, Универзитетот, знакот на археолозите во Македонија, ‘Пелистерка‘, ‘Киро Дандаро‘, ЗИК ‘Пелагонија‘, ‘Епинал‘, ‘Свилара‘, ‘Борис Кидрич‘ и многу други“, вели Драган Ристевски, зет за ќерката на уметникот Тања Струмениковска Ристевска, која е анестезиолог во Клиничка болница Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА