ИЗБОРИ ЌЕ ИМА 2024 ГОДИНА, А ДОТОГАШ ЌЕ СЕ ПОСВЕТИМЕ НА ЕКОНОМИЈА, КАЖА ЗАЕВ КОЈ ДЕНЕСКА СЕ СРЕТНА СО РЕЏЕПИ, А УТРЕ СО ГАШИ

    ИЗБОРИ ЌЕ ИМА 2024 ГОДИНА, А ДОТОГАШ ЌЕ СЕ ПОСВЕТИМЕ НА ЕКОНОМИЈА, КАЖА ЗАЕВ КОЈ ДЕНЕСКА СЕ СРЕТНА СО РЕЏЕПИ, А УТРЕ СО ГАШИЗаев денеска имаше и средба со пратеникот на Беса Кастриот Реџепи, кој не дојде во Собранието на седницата на која што требаше да се гласа доверба на Владата, и со тоа опозицијата не успеа да обезбеди кворум. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев вели дека парламентарното мнозинство е стабилно и изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, а дотогаш владата ќе се посвети на силен развој на економијата.

    „Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори. Напротив, до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата“, рече Заев на денешната средба со Михаел Линхарт, австрискиот министер за надворешни работи, според соопштението од владината прес-служба.

    Заев денеска имаше и средба со пратеникот на Беса Кастриот Реџепи, кој не дојде во Собранието на седницата на која што требаше да се гласа доверба на Владата, и со тоа опозицијата не успеа да обезбеди кворум.

    Од Владата велат дека „премиерот Заев и пратеникот Реџепи уште еднаш ја потврдија заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата, како определба на огромното мнозинство граѓани на нашата земја“, а и двајцата изразиле уверување дека „народната волја за мирно и заедничко живеење во Северна Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот“.

    За утре во 15:30 часот во Клубот на пратеници е закажана средба меѓу Заев и лидерот на опозициската Алтернатива Африм Гаши за евентуално преминување на партијата во власта. Алтернатива има четворица пратеници во Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира