Поранешниот шеф на кабинетот на Никола Груевски, Мартин Протоѓер, и негов некогашен најблизок соработник, ја потврди тезата на обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Плацеви на Груевски“, сведочејќи дека Груевски лично му кажал оти купил плац од 10.000 квадрати.
Со тоа паднаа во вода статусите на Фејсбук на избеганиот Груевски од Будимпешта, во кои тврди дека никогаш не купил плацеви на Водно, дека „новинари блиски до власта“ и заедно со неа учествуваат во политички прогон против него.
Тој упорно тврди дека плацевите се на Александар Ивановски (Алек Теранова), од кого потоа ги купиле Орце Камчев и семејството и не кажува дека биле за него, купени со испрани пари од членството на ВМРО-ДПМНЕ, преку фирма – мајка „Сирах лимитед“ од Белизе.
„Мене ми беше невообичаено бидејќи околу 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати некаде на Водно. За волја на вистината, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да беше внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто не кажуваше“, кажа Протуѓер, чија изјава ја пренесе „Фокус“.
Тригодишниот азил во Унгарија на Груевски му истече, следува ревизија од тамошните власти, за тоа дали ќе му биде продолжен.
Сега Орце Камчев и неговата мајка, но и кумот на Груевски, се обвинети за перење пари поради плацевите на осудениот поранешен премиер. Обвинет е и тој, но засега е недостапен на правдата.
По сведочењето во предметот „Талир“ каде ексдиректорот на ЕЛЕМ Влатко Чинговски прв спомна за сеф со пари во пачки што го видел кај генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски, денеска на судењето „Плацеви на Груевски“ сведокот Гордана Јанкулоска кажа дека такви сефови со пари од членарини и спозорства Груевски имал уште кога таа била генсек.
Јанкулоска беше генерален секретар на партијата во 2004 година, кога таа беше во опозиција. Чинговски зборуваше за сефови во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година, кои лично ги полнел со добро запакувани „пратки“ што му ги давал лично на Божиновски во чија канцеларија бил сефот.
Сефовите во партијата, кои се полнеле од уплатени членарини и од спонзорства, а кои биле и во канцеларијата на Јанкулоска, биле високи 1,5 метри.
Јанкулоска вели дека таа немала шифра и никогаш не ги отворила. Додава дека тогаш донирањето пари за партиите било полиберално, се вршело само со „каса прими“.
Денеска се појави и Чинговски, со речиси истото сведочење од „Талир“, во делот на сефовите со пари во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Патем, и Протоѓер кажа за сефовите, со кои ја делел канцеларијата од 2008 година натака, додека бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
Овие сведоци се на обвинителката Стефанова, која денеска докажуваше дека парите од членарините и од спонзорствата се чувале во ВМРО-ДПМНЕ, а главните нивни чувари биле генералните секретари, негови најблиски соработници.
Овој судски процес е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл токму од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.
Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.
С. К. ДЕЛЕВСКА