Олаф Шолц и официјално стана нов германски канцелар, со што заврши 16-годишното владеење на Ангела Меркел. Неговиот избор денеска беше потврден во парламентот, каде што неговата коалиција има значително мнозинство.
Шолц ќе ја предводи првата трипартиска влада во поствоената Германија, што ја сочинуваат Социјалдемократската партија (СПД), Зелените и Слободните демократи. Ова следува неполни три месеци по победата на СПД на Шолц на парламентарните избори и тој доби стоечки овации во Бундестагот откако со 395 гласови беше избран за нов канцелар.
Шеесет и тригодишниот Шолц, кој досега беше министер за финансии и вицеканцелар, на пладне ќе положи заклетва откако ќе се сретне со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, а официјално ќе ја преземе должноста од Меркел во 16 часот.
Новата влада постави амбициозни планови да се бори против климатските промени, но за почеток, приоритет ќе биде пандемијата на коронавирусот.