Автобиографскиот филм на Кенет Брана, „Белфаст“ и вестернот „Моќта на кучето“ добија најмногу номинации за Златен глобус, чие доделување во јануари нема да се пренесува на телевизија по низа контроверзи околу здружението кое стои зад овие некогаш престижни награди. Двата филма се номинирани во седум категории.
ТВ-мрежата Ен-Би-Си ги исфрли Златните глобуси од својата програма откако се дозна дека ниеден од 87-те членови на Холивудското здружение на странски новинари не е црн. Група од 100 холивудски фирми потоа ја обвини организацијата за дискриминирачко однесување, непрофесионализам, неетичност и финансиска корупција. Останува да се види дали некој од номинираните ќе се повлече поради овие контроверзи.
Номинациите вообичаено ги соопштуваат бројни филмски ѕвезди, но овојпат, тоа го направи раперот Снуп Дог.
Освен „Белфаст“ и „Моќта на кучето“, за најдобра драма се номинирани и „Дина“, „КОДА“ и „Кралот Ричард“, а за најдобра комедија/мјузикл „Сирано“, „Не гледај нагоре“, „Приказна од западната страна“, „Тик, тик… бум“ и „Ликорис пица“. Махершала Али, Хавиер Бардем, Бенедикт Камбербач, Вил Смит и Дензел Вашингтон се номинирани за најдобар актер во драма, а Џесика Честејн, Оливија Колман, Леди Гага, Никол Кидман и Кристен Стјуарт за најдобра актерка.
За Златен глобус за најдобар режисер конкурираат Брана, Стивен Спилберг, Меги Џиленхал, Џејн Кемпион и Денис Вилнев.
Добитниците ќе бидат објавени на 9 јануари.