Крис Нот, актерот кој се прослави со улогата на Ѕверката во серијата „Сексот и градот“, е обвинет за силување на две жени во 2004 и 2015 година. „Холивуд рипортер“, за кој двете жени ги открија деталите од случките, објави дека тие меѓусебно не се познаваат.
Шеесет и седумгодишниот Нот кажа дека средбите биле со нивна согласност и дека обвинувањата за нападите се лажни.
Жената под псевдонимот Зои кажа дека имала 22 години кога актерот наводно ја силувал во стан во Вест Холивуд во 2004. Другата жена Лили била 25-годишна кога Нот ја нападнал во стан во Њујорк.
„Обвинувањата против мене изречени од жени што сум ги сретнал пред многу години се категорично лажни. Овие приказни би можеле да бидат стари 30 години или 30 дена, но за мене, не секогаш значи не, тоа е линијата што не ја преминувам. Средбите биле консензуални. Не ми е јасно зошто овие приказни сега се појавуваат, но знам дека не сум ги силувал тие жени“, изјави Нот.
„Холивуд рипортер“ објави дека Лили ги контактирала во август, а Зои во октомври, кога почна на големо да се зборува за продолжението на „Сексот и градот“.
„Кога видов дека ќе ја репризира улогата, нешто пукна во мене. Тоа сеќавање долго време го држев закопано, но сега решив да излезам во јавност“, кажа Зои.
Таа своевремено одбила да ѝ открие на полицијата кој ја силувал, но му се доверила на својот тогашен шеф, кој сега ги поддржал нејзините тврдења. Лили, пак, откри дека го запознала Нот кога работела како келнерка во ноќен клуб во Њујорк, по што завршиле во неговиот стан, каде што ја силувал.