РАНЧО ХРИСТОВ УТРЕ ЌЕ ЈА ПРИМИ НАЈВИСОКАТА АРХИТЕКТОНСКА НАГРАДА „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“

    РАНЧО ХРИСТОВ УТРЕ ЌЕ ЈА ПРИМИ НАЈВИСОКАТА АРХИТЕКТОНСКА НАГРАДА „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“Со добивањето на оваа награда, Христов станува член на Академијата на архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ./ Објектот на Мала станица. (Фото: ААМ)

    Архитектот Ранчо Христов е годинашен добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), како признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Свеченото врачување е закажано за утре, во 19 часот во салонот на Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ).

    Како што велат од Асоцијацијата, со својата работа и дејност, како еден од основачите на архитектонското биро „Ателје Ајвар“ од Скопје, Христов уште од осамостојувањето на Македонија придонесе за пресврт во архитектонската пракса.

     

    Еден од објектите на Христов, деловен објект „МакАутостар“ од 2016. (Фото: AAM)

    „Тој е протагонист на промената од еден систем на монопол на големи општествени бироа, од кои и самиот произлезе, кон новите трендови на приватно претприемништво со нови, проектантски стандарди. Земајќи голема уметничка слобода, неговата работа резултира со огромна продукција на проекти, изведени градби и идејни конкурсни решенија, кои на младите генерации – архитекти им претставуваа репер во работата“, вели Асоцијацијата на архитекти.

    Христов е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои признание на БИМАС за Административна зграда „Македонијаинвест“  во 1987, Награда на БИМАС за Хотел „Алфа-С“ во Чешка во 1993, Награда на БИМАС за „Куќа која сонува“ во 1997, Специјално признание на БИМАС за квалитетна и бројна презентација на проекти и реализации во 1997, Награда за најдобар реализиран објект „ХРРМ 01“ на БИМАС во 2000, Награда и благодарница од Главниот архитект на град Скопје за станбено-деловен објект на ул. Огњан Прица во 2003, Награда „Борис Чипан“ од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија 2017, Награда „Биг СЕЕ архитектчр аворд“ за семејна куќа на Дрезденска од Заводот БИГ од Словенија 2020.

    Со добивањето на оваа награда, Христов станува член на Академијата на архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ. Дополнително, како дел од свеченоста, утре ќе биде врачена и статуетката на ланскиот лауреат на наградата „Андреја Дамјанов“, архитектот Ѓоко Радовановиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира