АРХИТЕКТКИТЕ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ ПОСТЗЕМЈОТРЕСНО СКОПЈЕ СО ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

    АРХИТЕКТКИТЕ КОИ ГО ГРАДЕЛЕ ПОСТЗЕМЈОТРЕСНО СКОПЈЕ СО ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈАВо втората половина на 20. век, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за „машки“. (Фото: Поканата за изложбата)


    Придонесот на жените архитекти во архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје е во фокусот на изложбата „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, која ќе се отвори вечерва во 19 часот во Музејот на Северна Македонија.

    Автори на проектот се: Ана Ивановска-Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска. Според нив, периодот на 1960-те, 1970-те и раните 1980-те години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други авторки.

    „Во втората половина на 20. век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за ‘машки’.

    Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор.

    Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага, по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти“, велат авторите на проектот.

    Изложбата е резултат на едногодишниот проект од областа на културата и архитектурата насловен „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ кој Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата го спроведе со пари од Амбасадата на Швајцарија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира