СТОТИЦИ ХАВАРИСАНИ ВОЗИЛА СКАПУВААТ НА КУП ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ЗАБОРАВЕНИ СО ГОДИНИ, ГО ГРДАТ ПРОСТОРОТ ОКОЛУ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА И АВТОБУСКАТА СТАНИЦА

    СТОТИЦИ ХАВАРИСАНИ ВОЗИЛА СКАПУВААТ НА КУП ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ЗАБОРАВЕНИ СО ГОДИНИ, ГО ГРДАТ ПРОСТОРОТ ОКОЛУ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА И АВТОБУСКАТА СТАНИЦАНајновата паркирана кола под Железничка. Во позадина се натрупаните остатоци од коли една врз друга во најмалку 5 реда. (Фото: СДК.МК)

    Стотици стари коли заборавени со години, во кои се фрла ѓубре или се врши нужда, потоа остатоци од стари автомобили наредени еден врз друг во повеќе слоеви, ги красат Железничката станица во Скопје и заградениот простор на Градски паркинг и на Паркинзи на Општина Центар.

    Глетката е ужасна за минувачите, но со неа живеат и дишат жителите на првта линија згради од Аеродром, велат, откако знаат дека живеат или се вселиле во нив.

    Ова е најфреквентното место, линијата или спојката со општина Центар, каде секојдневно минуваат деца и средношколци кон автобуската постојка под Железничка и е единствената патека по која локалните жители секојдневно одат и се враќаат од работа.

    Студенти од внатрешноста покрај овие хаварисани возила ги тркалаат своите куфери кон возот или кон автобусот на Меѓуградската станица која е исто така под Железничка, за да си одат дома.

    Стотиците хаварисани и заборавени возила се огледало на работата на секој градоначалник на Скопје, Центар и Аеродром, што бил на власт изминатите 10 години. (Фото: СДК.МК)

    Тука доаѓаат и луѓе од целата скопска околина, бидејќи е стартно место на повеќе автошколи. Возачите почетници првин тука меѓу распосланите кршови од некогашни автомобили во возна состојба, вртат крукчиња пред да се вклучат во сообраќајот. Меѓу хаварисаните возила, во никогаш неисчистени фекалии, младите кандидати за возачи чекаат да почнат со часовите.

    Во зградата која гледа право во грдосијата од наталожени крш коли е едно од најпосетените студија за танц. Родители дојдени од сите страни на градот додека чекаат се чудат за купиштата старо железо, за несредениот простор кон Железничка, коментираат за фрапантната негрижа на локалната власт.

    Грда слика и одвратна прашина имаат и чувствуваат секој ден жителите на улица „Венијамин Мачуковски“. (Фото: СДК.МК)

    Цело Скопје всушност врие од заборавени хаварисани возила и е грда негова слика. А ова складиште со бројни целосно уништени или неупотребливи коли во Пајак-службата или до неа, под Железничка, е огледало на работата на секој градоначалник на Скопје, Центар и Аеродром, што бил на власт изминатите 10 години

    Заборавени возила со дупнати гуми „излегоа“ од дворот на Пајак-службата, сега го окупираат и паркингот под Железничка. (Фото: СДК.МК)

    Ни возот на ЕУ кој беше пречекан во септември, не ги мотивираше надлежните да го расчистат тој срам под Железничка, која горе на перонот беше осветлена за шминка во сината боја на Унијата.

    Никој не знае зошто вакво депо е лоцирано во сржта на Скопје, а не на друго место.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира