Пелистерскиот блок, дел од Битолското сеизмичко подрачје, е под постојано издигање со брзина од четири до шест милиметри годишно, што претставува висок степен на интензивни тектонски движења. Токму сеизмичноста на Битолско, како и последните земјотреси кои предизвикаа материјални штети, се условени од интензивните тектонски движења на Пелистерскиот расед и раседот што минува во западниот дел на Пелагонија. Ова се анализите на професорот по географија Мите Ристов, кој е и претседател на Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола.
Тој објаснува дека Битолското сеизмичко подрачје го сочинуваат неколку блокови, Пелистерскиот и Преспанската и Пелагониската депресија. Границите меѓу овие структури претставуваат раседи или пукнатини во Земјината кора, каде што најчесто се среќаваат земјотресите.
„Со Пелистерскиот расед, кој морфолошки е доста изразен, се поврзува битолскиот земјотрес од 1 септември 1994. Пелистерскиот и раседот кој поминува во западниот дел на Пелагонија се главните раседи кои ја условуваат современата сеизмичност на битолското подрачје. Токму со овие два раседа е поврзан и последниот земјотрес во околината на Лерин“, вели Ристов.
Посочува дека земјотресите во нашата земја се последица на интензивниот притисок кој се јавува поради судирот на Африканската и Евроазиската тектонска плоча. Судирот резултира со раздробување на јужниот дел од евроазиското копно, создавање на бројни пукнатини во Земјината кора и со формирање повеќе нестабилни блокови на територијата на Македонија, кои се особено сеизмички активни. Најлабилни блокови и региони во државата се Валандовскиот, Скопскиот, Дебарскиот, Битолско-демирхисарскиот, Охридскиот, Малешевијата и други каде што се случиле и може да се очекуваат најсилни земјотреси во иднина.
Во последните 100 години во битолското подрачје имаше три посилни земјотреси, во 1920, 1958 и 1994 година, со магнитуда од 5,3 до 5,4 степени според Рихтер, кои нанесле прилично големи штети во градот и околните населени места. Трите земјотреси се поврзани со активирање на Пелистерскиот расед, така што за очекување е и во иднина тој да генерира нови земјотреси.
И во посебниот извештај на ИЗИИС-Скопје од 1994 се нагласува дека во Битолско-ресенското сеизмогено подрачје треба да се очекуваат земјотреси со максимална магнитуда од 5,7 степени.
„Направени се студиски елаборати, но без потребниот завршен дел за детаљно сеизмичко реонирање на градското подрачје. Ова е особено важно, зашто одредени региони во градот имаат нестабилно земјиште, кое дополнително влијае врз зајакнувањето на земјотресните бранови. Околу поранешните долини на Брусничка и Лавчанска Река, кои поминувале на просторот на денешните улици Партизанска и Солунска и кај населбата Недопирливи, се пријавени позначителни оштетувања на објектите бидејќи се изградени во речни седименти кои се со поголема нестабилност“, вели Ристов.
Тој апелира сеизмичките мапирања на општината да се изработат што поскоро, бидејќи според активноста на Пелистерскиот расед и зачестеноста на земјотресите, кои во последните 100 години се јавуваат на секои 35 до 38 години, се очекува нов силен земјотрес во регионот на Битола до 2030 година.
Ж. ЗДРАВКОВСКА