Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека БиХ е пропаднат проект и дека најдобро решение за таа држава би било ако Бошњаците, Србите и Хрватите се разделат на цивилизиран начин.
„БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не опстана Југославија. Хрватите и Србите се многу незадоволни, а муслиманите сакаат унитарна држава во која би биле доминантен народ. Нашата политика не е сецесионистичка, но проценуваме дека БиХ нема да успее како држава. Во тој случај, најдобро е да се разделиме цивилизирано“, кажа Додик во интервјуто за шпанскиот весник „Ел Мундо“.
Тој нагласува дека Србите нема да почнат војна за отцепување, туку се посветени на еден политички процес. Парламентот на Република Српска неодамна изгласа да се почне со подготовките за формирање паралелни институции и за неприфаќање низа закони кои се на сила во БиХ. Ова се однесува на воспоставување сопствени војска, разузнавачка служба, судски совет, обвинителство и индиректни даноци, по што САД воведоа нови санкции за Додик.
Според него, БиХ постои само поради притисокот на меѓународната заедница.
„БиХ е експеримент на странците, единствена колонија во Европа. Нека нè остават да пронајдеме консензус, ако е можно“, кажа Додик за шпанскиот весник.