МОСТОТ НА БРЕГАЛНИЦА КАЈ СЕЛОТО ДОЛНИ БАЛВАН ЌЕ ПАДНЕ, А ВОЗАЧИТЕ ГИ ТРГААТ БАРИКАДИТЕ И МИНУВААТ

    МОСТОТ НА БРЕГАЛНИЦА КАЈ СЕЛОТО ДОЛНИ БАЛВАН ЌЕ ПАДНЕ, А ВОЗАЧИТЕ ГИ ТРГААТ БАРИКАДИТЕ И МИНУВААТВозачите ги острануваат барикадите и купишта песок и преку нив го минуваат мостот, иако може во секој момент да падне. (Фото: СДК.МК)

    Како последица на поплавите што се случија во декември минатата година, попушти еден од главните средишни носачи на мостот на реката Брегалница кај селото Долни Балван, па лесно може да се случи мостот да се сруши. Иако ја знаат опасноста, возачите ги острануваат барикадите од штици и купишта песок што биле поставени од двете страни на мостот и на своја рака и одговорност го минуваат.

    Жители од селото Балван во чија близина е овој мост, велат дека мостот е многу фреквентен. Во нормални услови, на ден и во двете насоки поминуваат и по 3.000 возила, а сега со остранувањето на барикадите мостот го поминуваат половина од тоа. Тие сметаат дека за ваков ризик придонесува и сè поголемата цена на горивото, оти за да се премине од другата страна на реката ќе треба да се заобиколи мостот и да се патува до Штип, па во двете насоки има за возење околу 20 километри плус.

    „Кога видливо мостот попушти на еден од главните носачи, веднаш ги известив институциите во државата дека постои голема веројатност во секој момент мостот да се сруши. Побаравме интервенции од сообраќајната полиција, а преку медиумите и Авто-мото сојузот на Македонија укажавме овој мост да не се користи за сообраќај“, вели градоначалникот на Општина Карбинци Виктор Паунов.

    Тој смета дека препораката се почитува само кога само кога е присутна сообраќајната полиција, која ги предупредува возачите на опасноста и ги одвраќа да не поминуваат преку попуштениот мост. Но полицијата, како што вели Паунов, не може деноноќно да биде кај мостот и да го регулира сообраќајот.

    Паунов вели дека тој како градоначалник веднаш презел мерки за санација на попуштениот носач на мостот. Тендерот за фирма која ќе ја изврши санацијата веќе завршува. За да се олеснат работите, тој ангажирал багери да ги остранат наносите кај мостот и со нивна помош деновиве се пренасочува течението на водата за да биде на суво попуштениот столб, за да може во најскоро време да се изврши потребната поправка и зајакнување на главните носачи на мостот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира