Владата денеска го прогласи Куршумли ан во Скопје за културно наследство од особено значење.
Како што соопшти Владата, со оваа одлука на предлог на Управата за заштита на културното наследство, за Куршумли ан кој е изграден во средината на ХVI век и кој претставува споменик на културата, се овозможува трајно зачувување во изворна состојба, ширење на вредностите и значењето на Анот, како и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши, или може да настане оштетување или деградирање на овој културно-историски споменик од архитектонското наследство.
Куршумли ан се наоѓа на левиот брег на реката Вардар во некогашна железарска чаршија во Скопје во дворот на Музејот на Македонија. Од септември 2019 е предаден на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје како Културен центар на Турција, а во замена во Истанбул во Бејоглу Македонија доби Културен центар во кат од зграда која е заштитен споменик на културата, кој е отворен во декември 2019. Оваа раземна се случи согласно договор потпишан меѓу двете влади во 2013. При предавањето на Куршумли ан, тогашниот министер за култура Хисни Исмалили кажа дека објектот ќе се реновира, „Јунус Емре“ ќе го добие на користење на 10 години.