ГОРАТ ОЏАЦИ И КОНТЕЈНЕРИ ВО ТЕТОВО, ПОЖАРНИКАРИТЕ ИНТЕРВЕНИРАЛЕ 12 ПАТИ ВО ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ

    ГОРАТ ОЏАЦИ И КОНТЕЈНЕРИ ВО ТЕТОВО, ПОЖАРНИКАРИТЕ ИНТЕРВЕНИРАЛЕ 12 ПАТИ ВО ЕДНО ДЕНОНОЌИЕПожарникарите интервенирале и при запалени контејнери во близина на тетовската болница. (Фото: СДК.МК)

    Тетовските пожарникари во текот на вчерашната ноќ и денеска гаселе запалени оџаци во семејни куќи во Тетово и во околните села, а исто така интервенирале при запалени контејнери во близина на тетовската болница.

    „Во текот на вчерашниот ден и ноќеска имавме многу повици за интервенции. Во текот на денот гасневме три запалени оџаци во семејни куќи на три различни локации во градот. При овие интервенции еден пожарникар доби изгореници по раката. Тој веднаш беше пренесен во тетовската болница, а по укажаната лекарска помош пуштен е на домашно лекување. И изминатава ноќ не помина ништо помирно, па интервениравме во околните населени места. И овде гасневме запалени оџаци во две семејни куќи. Едната интервенција беше во село Милетино, а втората во село Ларце. Покрај овие интервенции, во текот на оваа ноќ интервениравме и при неколку запалени контејнери со смет во близина на тетовската болница“, изјави командирот на противпожарната единица од Тетово Ука Алити.

    Алити апелира до оние кои се затоплуваат на дрва редовно да ги чистат оџаците, бидејќи неисчистените оџаци се најчеста причина за избивање пожар во семејните куќи и во повисоките објекти.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира