Жителите на тетовското село Горно Палчиште денеска го блокираа автопатот Тетово-Гостивар кај наплатната рампа на излез од Тетово и побараа да бидат ослободени од наплаќање патарина. Нивното село се наоѓа само на три и пол километри од Тетово, но за да дојдат во град мора да ја поминат наплатната рампа и да платат по 30 денари во еден правец.
„И оние што доаѓаат од Гостивар, кој е на дваесетина километри од Тетово, и ние кои сме само на 3,5 километри од градот, плаќаме исто, по 30 денари. Ние немаме друг пат за да стасаме до градот. По некогаш имаме потреба и по два три пати да одиме до град и за секое поминување мора да платиме по 30 денари. Споредниот пат покрај автопатот, кој служи за да се дојде до нивите, е неасфалтиран и е во лоша состојба. Нека го асфалтираат и ќе го користиме него“ вели Џемаили Џемал од Горно Седларце.
Жителите на Горно Седларце велат дека досега упатиле повеќе петиции и барања за решавање на овој нивни проблем но сеуште немаат никаков одговор од надлежните служби.
„Ние немаме спореден пат, не може да се каже дека преку село Брвеница е спореден пат бидејќи треба од таму да поминеме преку 8 километри за да дојдеме до Тетово. Освен тоа, нашето село има проблем и со бучавата. Куќите ни се на три до четири метри веднаш до патот и луѓето не може да спијат од големата бучава што ја прават моторните возила. Затоа ние ќе протестираме и натаму на секои два дена додека не се реши овој наш проблем а ако не се реши ќе го блокираме автопатот на подолг период“ изјави Агрон Абдулаи од Горно Седларце.
Денешната блокада на наплатната рампа на излезот од Тетово траеше половина час.