Еден од највозрасните и најискусни македонски планинари Сали Буранедин од Скопје не се задоволува со тоа што во 2018 година постигна Гинисов рекорд со 1.000 искачувања на врвот Солунска Глава (2.540 метри). Во изминатите четири години ја искачи уште 220 пати и планира да ја заокружи бројката на 1.500 искачувања до 2026 година, кога ќе има 75 години и ќе одбележи половина век планинарање.
„На 10 октомври 1976 го имав првото искачување на Солунска Глава, а јубилејното, 1.000-то 42 години подоцна. Во меѓувреме ги искачив сите највисоки врвови во Европа, Африка, Мала Азија и на Балакнот. На Триглав бев дури десет пати. По 1.000. искачување на Солунска Глава, што се случи кога имав 67 години, желбите за нови подвизи пораснаа. Да сме живи и здрави до овој нов подвиг од 1.500 искачувања на врвот на планината Јакупица. Тренирам и работам на тоа“, вели Буранедин, кој во 1997 пешки ја заобиколил граничната линија на Македонија долга 900 километри за само 30 дена.
Секогаш кога ги освојувал врвовите ги развиорувал македонското знаме и знамето на ПД „Бистра“ од Скопје. Задоволен е што им дава убав пример на помладите. Така, 1.200. искачување на Солунска Глава го извел заедно со Владимир од Прилеп, на кого тоа му било 100. искачување.
„Тоа наше искачување имаше уште една многу убава страна. Владимир по 100. пат ја искачи Солунска Глава и ја запроси својата девојка“.
Буранедин е задоволен што дошла пролетта, па условите за планинарање ќе бидат доста полесни.
„Кога тренирав за 1.000. искачување, се случи еден ден да заминам во раните утрински часови. Се вратив кога другите во домот ‘Чеплес‘ се будеа. По појадокот, пак заминав до врвот и се вратив за ручек. Тоа попладне, третпат заминав за Солунска Глава и се вратив за вечера. Тој ден поминав речиси 50 километри“.
Се заблагодарува на сите кои досега го бодреле и му давале поддршка. Планира оваа година да ја заврши со 1.300 искачувања.
Т. ЈОВАНОВСКИ