ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН, ОВЧАРИ ОД РАДОВИШ ЗА РАБОТА НА ФАРМА ВО ШТИПСКО ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ ЌЕ ЗАРАБОТАТ ПО 5.500 ЕВРА

    ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН, ОВЧАРИ ОД РАДОВИШ ЗА РАБОТА НА ФАРМА ВО ШТИПСКО ЗА ШЕСТ МЕСЕЦИ ЌЕ ЗАРАБОТАТ ПО 5.500 ЕВРАМладиот Елмаз Џемаил од радовишкото село Али Коч напасува едно стадо овци, а неговиот брат и братучед други две стада и за 6 месеци работа ќе заработат по 5.500 евра. ( Фото: СДК.МК)

    За шестмесечна работа како овчари на фарма во штипско од празниците Митровден на 8 ноември минатата година до Ѓурѓовден на 6 мај годинава тројца радовишани ќе заработат вкупно по 5.500 евра или по 900 евра месечно. Плус тоа имаат обезбеденo исхрана и сместување.

    „Не ни треба да одиме во странство, за нас тука е заработувачката на само 40 километри од нашето родно село Али Коч кај Радовиш. Со газдата на овците се договоривме да добиваме храна секој ден и по 900 евра месечно. Јас, брат ми и еден наш братучед дојдовме на почетокот во ноември за празникот Митровден, а дома ќе си заминеме ден пред 6 мај за празникот Ѓурѓовден што значи цели шест месеци сме овчари во штипско “ вели Елмаз Џемаил.

    Го затекнавме како го тера стадото овци кај Бањата Ќежовица во чија близина на само еден километар кон месноста Калимерово и Трештена скала се наоѓа трлото со неколку илјади овци. Секој од нив имал обврска да чува и секојдневно да напасува од 700-800 овци. Посетуваат пасишта на различни страни, а Елмаз ја има најтешката релација затоа што мора во овој период во потрага по добри пасишта покрај Штип да го мине и регионалниот пат за Радовиш за да може да дојде до пасиштата кон ридот Клисибаир кој од јужната страна највисоко се издига над Штип

    „Насабајле ги тераме овците на пасиште, попладне ги враќаме во трлото. За мене работата не е тешка, дури е интересна. Работиме секојдневно и по цел ден. Пред да се стемни ги спаструваме овците, па потоа заминуваме на спиење. И, така секој ден. На терен дури ни донесуваат и јадење. Имаме најмалку два оброка на ден. Немаме забелешки и задоволни сме, газдата е добар и прави како што сме се договориле“ вели 22 годишниот радовишанец Елмаз.

    Тој и неговиот брат и братучед како што вели во овој период немале толку работа затоа што за него најмакотрпно било молзењето на овците, но во овој период траело неколкумесечното објагнување па тогаш немало молзење. Кога ќе завршело објагнувањето и јагнињата ќе бидат откупени дури тогаш за нив ќе имало обврска за молзење на овците. И додека тоа поминало ќе дошол Ѓурѓовден и тие задоволни од успешно извршената работа, празникот ќе го прославиле дома, но со пари в џеб.

    Сточарите во Штипско обезбедувањето овчари го сметаат за најголем проблем. Ретко се наоѓаат млади овчари како што се браќата од Радовишко. Незадоволни се и од откупната цена која изнесуваше 150-165 денари за килограм жива мера. Сега, за вториот бран на откуп за Велигденските празници бараат повисока цена. Единствено се задоволни што државата ја дава редовната субвенција за секое обележано грло и плус им дава 400 денари за секое откупено јагне.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира