ВО БОРОДЈАНКА Е ПОЛОШО ОД БУЧА, ЌЕ ИМА МНОГУ ПОВЕЌЕ ЖРТВИ, ВЕЛАТ УКРАИНСКИТЕ ВЛАСТИ

    ВО БОРОДЈАНКА Е ПОЛОШО ОД БУЧА, ЌЕ ИМА МНОГУ ПОВЕЌЕ ЖРТВИ, ВЕЛАТ УКРАИНСКИТЕ ВЛАСТИСпасувачките екипи почнаа да ги расчистуваат урнатините во Бородјанка (Фото: Дојче веле)

    Откако светот го згрозија сцените на убиените цивили во Буча, украинските власти велат дека ситуацијата во соседниот град Бородјанка е уште полоша.

    „Почна расчистувањето на урнатините во Бородјанка. Таму е многу полошо отколку во Буча. Ќе има многу повеќе жртви“, кажа претседателот Володимир Зеленски, не откривајќи детали.

    Главната јавна обвинителка Ирина Венедиктова изјави дека се извлечени 26 тела од урнатините на две станбени згради.

    Од 29 висококатници во градот, осум се целосно уништени (Фото: АП)

    „Бородјанка е најлошо во поглед на уништувањето и неизвесноста на бројот на жртвите. Очекуваме бројот да биде поголем од каде било“, рече Венедиктова.

    Таа вели дека Русите свесно бомбардирале цивилни цели зашто во градот нема воени објекти.

    „Доказите за руски воени злосторства се на секој чекор. Тие намерно бомбардирале станбени згради приквечер кога во нив имало најмногу луѓе. Од 29 висококатници, 21 е оштетена, а осум се целосно уништени“, кажа Венедиктова.

    Малиот град северозападно од Киев беше меѓу првите кој руските сили жестоко го нападнаа со авиони и артилерија.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира