Русија предупреди дека ќе преземе мерки на Балтикот ако Шведска и Финска се придружат на НАТО.
„Веќе не може да се зборува за никаков ненуклеарен статус на Балтикот. Мора да се поврати рамнотежа. До денеска, Русија не презеде такви мерки и не планираше“ изјави бившиот руски премиер Дмитри Медведев, кој сега е потпретседател на Безбедносниот совет на Русија.
Шведска и Финска вчера направија голем чекор напред кон членството во НАТО, чии премиерки кажаа дека руската инвазија на Украина целосно го измени безбедносниот пејзаж на Европа и драматично го промени размислувањето во скандинавските земји. Финска, која дели граница со Русија од 1.300 километри, најави дека во наредните недели ќе реши дали да побара прием во НАТО.
Литванската премиерка Ингрида Шимоните ги отфрли заканите од Медведев како ништо ново.
„Тоа што Русија се заканува не е ништо ново. Калининград е силно милитаризирана зона веќе со години и е во балтичкиот регион“, изјави Шимоните, додавајќи дека го поддржува влегувањето на Шведска и Финска во НАТО.
Литванскиот министер за одбрана Арвидас Анушаускас изјави дека руските закани се чудни, зашто се знае дека Русија чува нуклеарно оружје во Калининград. Оваа руска енклава е сместена на брегот на Балтичкото Море, меѓу Литванија и Полска, кои се членки на НАТО.