Русија соопшти дека се преземаат мерки за одвлекување на воениот брод „Москва“ назад во пристаниште откако утрово бил тешко оштетен во експлозија. Украинската војска истовремено тврди дека бродот почнал да тоне.
Според руското министерство за одбрана, на бродот експлодирала муниција откако била зафатена од пожар, додека Украинците велат дека го погодиле со два проектила „нептун“.
„Бродот претрпел сериозни оштетувања во ракетниот напад, по што избувнал пожар кој предизвикал детонации на муницијата. Лошото време доведе до превртување на бродот и тој почнал да тоне“, објави украинската војска на Фејсбук.
Москва вели дека пожарот е ставен под контрола и веќе нема експлозии.
„Бродот сè уште е во пловечка состојба. Посадата е евакуирана, а бродот ќе биде одвлечен во пристаниште. Причината за пожарот се утврдува“, кажа руското министерство за одбрана.
Речиси 200 метри долгиот брод беше заштитен знак на руската црноморска флота. Изграден е во почетокот на 1980-ите и имаше важна улога и во руската воена кампања во Сирија. Неговата посада броеше 510 луѓе и беше опремен со 16 противбродски крстосувачки проектили „вулкан“.