НА СУДЕЊЕТО „ТАЛИР 2“ ИЗЛЕГОА ФАКТУРИ ЗА ЛУКСУЗОТ ВО СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ, СРЕДСТВОТО ЗА ПОЛИРАЊЕ ПЛОЧКИ ЧИНИ 850 ЕВРА

    НА СУДЕЊЕТО „ТАЛИР 2“ ИЗЛЕГОА ФАКТУРИ ЗА ЛУКСУЗОТ ВО СЕДИШТЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ, СРЕДСТВОТО ЗА ПОЛИРАЊЕ ПЛОЧКИ ЧИНИ 850 ЕВРА„Бетон“ ги опремил со нестандардни и скапи материјали и луксуз само првите два ката, каде што се наоѓал кабинетот на тогашниот претседател на партијата Никола Груевски, како и кабинетите на членовите на раководството. Горните катови се опремени со стандарден мебел и опрема. (Фото: СДК.МК)

    Во судскиот процес „Талир 2“, во кој е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и седиштето во Белата палата, како и триесетина партиски штабови купени со забранети финансиски средства, денеска беа презентирани фактурите за дел од луксузот кој се наоѓа во десеткатницата на партијата.

    Како што кажа обвинителот Љубомир Лапе, овие докази во дополнителна доказна постапка ги предлага за да се спротивстави на тврдењата на одбраната на обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, која тврдеше дека станува збор за стандарден и обичен договор за соинвеститорство меѓу ДГ „Бетон“ и ВМРО-ДПМНЕ.

    Дека не станува збор за стандарден договор и стандардното давање „клуч на рака“ во висина на даденото земјиште за изградба на деловен простор и седиште на ВМРО-ДПМНЕ, туку случај на корупција во кој „Бетон“ ѝ дал два милиона евра на партијата и плус ја почестил со луксузен ентериер, материјали за уредување и опрема набавени од Италија, Кина, Полска, Лихтенштајн, Лапе наведе дел од високостандардниот асортиман што Минчо Јорданов го купил за Никола Груевски.

    Купувањето одело преку фирмите на зетот на Орце Камчев, Мето Стојчевски, за што обвинителот достави фактури за:

    • Мермерни облоги за мермерен камин и решетки за камин увезени од Италија во вредност од 19.770 евра
    • Плафонски лустери и ѕидни ламби увезени од Кина, 22.144 долари
    • Подни плочки и дрвени лајсни од Италија во вредност од 102.126 евра
    • Дрвен паркет увезен од Италија купен за 76.125 евра
    • Паркет од Италија од 21.742 евра
    • Теписон од Полска во износ од 21.060 евра
    • Подни плочки, паркет и лајсни од Италија во вредност од 18.330 евра
    • Мозаични мермерни коцки увезени од Кина од 2.988 евра
    • Решеткаста плочка и средство за полирање на плочки од 858 евра
    • Теписон увезен од Лихтенштајн од 740 евра
    • Неколку керамички ѕидни и подни плочки испорачани од Кина за 500 евра
    • и други фактури.

    „Бетон“ ги опремил со нестандардни и скапи материјали и луксуз само првите два ката, каде што се наоѓал кабинетот на тогашниот претседател на партијата Никола Груевски, како и кабинетите на членовите на раководството. Горните катови се опремени со стандарден мебел и опрема.

    Со поднесувањето на овие докази обвинителството го докажува обвинението во делот дека политичка партија е непрофитна организација и таа не смее да прима донации и да излегува од рамките на она што е договорено во рамки на договорот за соинвеститорство со приватни фирми.

    Обвинителството тука гледа корупција, зашто во моментот кога ДГ Бетон го добива земјиштето од ВМРО-ДПМНЕ, склучува договор за да им гради зграда и лепенка – деловен простор, профитот на компанијата ѝ бил над 80 отсто од добиени тендери од државата (владата), чиј премиер тогаш бил Груевски, а владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, што исто така е забрането со закон.

    Одбраната на Божиновски достави дополнителни докази за договори за соинвеститорство меѓу јавни институции и приватни субјекти, во насока да докаже дека се нормална и дозволена работа ваквите партнерства.

    Судијата Даниела Алексовска – Стојановска ќе го каже ставот на наредното рочиште. Случајот е пред завршни зборови и пресуда.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира