Берлинската полиција го забрани истакнувањето на руското и украинското знаме на настаните со кои ќе се одбележи годишнината од завршувањето на Втората светска војна. Тие кажаа дека забранети ќе бидат и знамињата на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск, како и руските воени симболи З и В.
Украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, гневно реагираше на одлуката, велејќи дека на тој начин се израмнуваат жртвата и агресорот во руската инвазија на Украина.
„Шокирани сме од одлуката на берлинската полиција да ги забрани знамињата поврзани со Украина на 8 и 9 мај. Ова е шамар за Украина и за украинскиот народ“, изјави Мелник.
Русија ја слави победата над фашизмот на 9 мај, додека во западна Европа, крајот на Втората светска војна се одбележува ден порано.